Onur Usta,Bilal Müftüoğlu
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
ПАРИЗ (AA) - Францускиот новинар Николас Хенин, кој мина десет месеци како заробеник на терористичката организација ДЕАШ, тврди дека радикалните групи во Сирија ја затруле револуцијата и дека сѐ што прават оди во прилог на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, пишува Anadolu Agency (AA).
Хенин неодамна го објави стрип романот „Хајтхам: Сириска младост“, во кој зборува за младиот Сириец во Франција. За стрип романот, како и за ситуацијата во Сирија, тој разговораше со новинар на АА.
„Сирискиот режим се храни со радикални групи. Асад и приврзаниците на радикализмот во Сирија си се потребни едни на други во борбата против сириската опозиција. Од почетокот на војната, и едните и другите системски уништуваат сѐ што укажува на нивна можна алтернатива“, рече Хенин.
Хенин нагласи дека радикалните групи нанеле огромна штета на отпорот на демократската сириска опозиција, и дека радикалците и терористите ја затруле револуцијата во таа земја.
„Приврзаниците на радикалните движења во Сирија се животното осигурување на Асад. Тие му се потребни нему“, рече Хенин и додаде дека приврзаниците на демократијата во Сирија се заробени помеѓу злото на радикалците и режимот на Асад.
Хенин својот стрип го работел со јужнокорејскиот дизајнер Кјунгеун Парк, а рече дека цела му била да прикаже низ што поминува продемократската сириска опозиција.
„Сириската револуција настана како демократска иницијатива, а не како вооружено и радикално движење. Таа револуција од почетокот се обидува да се прикаже како криминален и незаконски бунт. Јас одлучив тоа да го појаснам со реална слика, со приказна и документи, и не сакав да користам класичен јазик на теории и доктрини. Без интервенција ја сликав приказната што ми ја раскажуваше Хајтам. Затоа ова дело е своевиден документ и сведочење за ситуацијата во Сирија“, рече Хенин.
Хенин истакна дека многу му помогнало семејството на Хајтaм, кое во детали ги споделило искуствата од напуштањето на Дераја и Сирија.
„Предрасудите за бегалците се нелогични. Сириските бегалци се луѓе што ги напуштиле своите домови бегајќи од војна и обидувајќи се да преживеат. Целта им е да бидат корисни членови на општеството во земјите во кои наоѓаат засолниште“, рече Хенин.
Коментирајќи ја ситуацијата во Сирија, Хенин рече дека таа според многу нешта наликува на онаа во Чеченија во текот на деведесеттите години од минатиот век.
„Целта не е да се придобие наклонетоста и срцето на народот, туку сѐ да се погази и тогаш повторно да се гради. Откако со бомби ќе ги задушат сите видови на отпор на сириското општество, потенцијално ќе видиме ситуација дека Русите ја обновуваат Сирија“, вели Хенин.
Тој укажа на кризата на државниот авторитет во Сирија, и рече дека во таа земја се случува војна, но и многу поширока криза што се заканува на опстанокот на Сирија во границите во кои досега постоела.
„Постои опасност Сирија да се подели на региони и да завладеат странците. Тоа би бил крах на економијата, политиката и културата на Сирија“, заклучи Хенин.
Новинарот Хенин поголемиот дел од својата кариера го поминал известувајќи од Ирак и од Сирија. Терористите на ДЕАШ го заробиле Хенин во Рака, кон средината на 2013 година. Во подземните ќелии поминал 10 месеци, со уште неколку заробени новинари, меѓу кои и Џејмс Фол, кој свирепо беше погубен со отсекување на главата.
Стрипот „Хајтам: Сириска младост“ е дело на Хенин кое се темели на животната приказна на младиот Сириец, Хајтам, кој е син на лидерот на револуцијата во Сирија.
Како 14-годишник бил на првите барикади во Дараја, а потоа пребегал во Франција, каде што го научил францускиот јазик и станал брилијантен ученик по математика. Станува збор за вистинска приказна, која воедно е и трагична, и оптимистична.