Ivana Ramadanova
30 Мај 2016•Ажурирај: 30 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, денеска во Скопје организираше промоција на „Водич во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите овој настан е дел од активностите во рамките на проектот „Насилството врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени“ чија општа цел е унапредување на соработката на граѓанските организации и медиумите во насока на подигнување на свеста кај пошироката јавност за постоење на различни форми на насилство врз жените, како и заеднички настап во процесот на застапување за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство.
„Во изминатите неколку месеци се случија неколку работилници на кој што се разработуваа различни форми на насилство и како медиумите треба да известуваат за насилството. Овој Водич во содржината има доста термини кои се дефинирани за да се направи разлика и да може новинарите понатаму во своето известување да го користат и притоа да си ја олеснат својата работа. Термините се наредени по азбучен ред, а во последниот дел ги има насоките за тоа како треба да се известува и како во самите текстови при известување да се бара одговорност за постапување и при правење интервјуа на жртвите да се внимава на нивната безбедност и сигурност”, изјави Елена Димушевска, од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Проектот е грантиран од програмата „Civica mobilitas”, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ), а во имплеметација на Националната мрежа против насилство врз жени и семeјно насилство – Глас против насилство во соработка со Здружение на новинари за човекови права.