Ekipa
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
ХОМС/АНКАРА (АА) - Мухамед Мисто/Адам Како -
Децата од подрачјата на Хомс кои се наоѓаат под опсада на припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад садат садници на местата од стеблата кои се отсечени за огрев, јавува Anadolu Agency (AA).
Војната во Сирија трае речиси седум години, а подрачјата во северен Хомс се пет години под опсада на режимките сили. До подрачјата на кои без електрична енергија живеат околу 250.000 цивили е невозможно да се достави гориво, при што семејствата беа приморани да ги сечат стеблата за да обезбедат огрев за студените денови.
Локалните невладини организации, свесни за еколошките проблеми кои уследија, започнаа да организираат акции за пошумување кои не се само начин за позеленување на подрачјето, туку и своевидна надеж за децата.
Проектот „Садиме иднина“ ќе се организира одвреме навреме, а во рамките на проектот децата со автобуси доаѓаат на подрачјата под опсада во Хомс, и покрај патот и во парковите садат дрвја.
Хани Садетин, претседателот на Здружението за помош и развој „Ихсан“, изјави дека целта на последните акции покренати во руралните подрачја во северен Хомс, заедно со децата е да се засадат најмалку 300 садници.
„Цел ни е да им дадеме надеж на децата. Сакаме да го зголемиме чувството за општествена одговорност кај децата“, изјави Садетин.
Мухамед Ахмет е учесник во акцијата на пошумување во Дар ел-Кебире, дел од градот Растан.
„Дрвјата го чистат воздухот. За жал, луѓето беа приморани да ги отсечат дрвјата за да се згреат“, изјави Ахмет.
Десетгодишната Халиме Рифаи изјави дека се среќни што ја имаат оваа можност.
„Се надевам дека ќе седиме под сенката на ова дрво. Секогаш ќе доаѓам и ќе ги полевам садниците кои ги засадивме, и нема да дозволам да бидат отсечени“, додаде таа.
Ејмен Ебу Мухамед, еден од координаторите на проектот, изјави дека соработуваат со претставниците на општините.
„Со нашите акции настојуваме да ги поттикнеме децата да учествуваат во општествените активности“, изјави Ебу Мухамед, кој додаде дека волонтерите ги учат децата правилно да пошумуваат, а поделени им се и брошури за заштита на животната средина.