Mehmet Akif Parlak
01 Мај 2022•Ажурирај: 02 Мај 2022
ГАЗИАНТЕП (АА) – МЕХМЕТ АКИФ ПАРЛАК -
Бајрам за муслиманите претставува голема радост, што најдобро е да се сподели со десерт достоен за султановиот двор - баклавата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Баклавата е колач со ориентално потекло и денес е присутна во сите делови на светот. Според поднебјето во кое се подготвува, рецептот се менува од едно до друго подрачје.
- Нарачки од странство -
Мајсторите за баклава во турскиот град Газиантеп овие денови напорно работат на подготовка на доволни количини од познатиот специјалитет за претстојниот Рамазански Бајрам.

Познатата баклава од турскиот град Газиантеп и овој Бајрам ќе се најде на трпезите низ земјата и странство. Како и во другите градови, баклавата и во Газиантеп е незаменлив дел од бајрамската трпеза.
Мајсторите за да одговорат на сите нарачки, интензивно работат дење и ноќе.
Огуз Ибили, шеф на Управниот одбор на еден од производителите на баклава во градот, во разговор за АА рече дека дошол период на напорна работа, но и возбуда која секогаш владее пред Бајрам.
„По две години пандемија, имавме многу продуктивен Рамазан (месец на муслиманскиот пост, заб.а.). Задоволни сме од добиените нарачки“, рече Ибили.
Додаде дека интензивно работат на извршување на нарачките кои пристигнале од различни делови на Турција и од странство.

- Дневно се произведуваат 30 тони баклава -
Ибили рече дека Бајрам е голема можност за производителите на баклава.
„Инаку, дневно се произведуваат во просек меѓу 10 и 15 тони баклава. Кога ќе почнат да пристигнуваат нарачките за Бајрам, го удвојуваме производството. Има значителна побарувачка за баклава“, нагласи Ибили.
Додаде дека голем број нарачки доаѓаат онлајн.
„Секаде каде што има карго, испраќаме баклава. Свежо направената баклава можеме да ја испратиме до сите, 81 област во Турција, и речиси сите делови на светот“, рече Ибили.
Истакна дека се задоволни од карго услугите и дека баклавата за краток период може да се најде на трпезата на домаќинствата во Америка и во европските земји.
Мајсторот за баклава Левет Акташ рече дека Бајрам е пред врата, поради што често утрото го поминуваат во правење баклава.
Бројот на персоналот значително се зголемува во периодот пред Бајрам.
„Прво го удвоивме бројот на работници, а потоа воведовме и дополнителна смена. Производството е постојано. Се надеваме дека ќе успееме да ги завршиме сите нарачки навреме“, рече Акташ.