Ekip
24 Мај 2021•Ажурирај: 24 Мај 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Бројот на починати од Ковид-19 во Индија надмина 300.000, при што во последните 24 часа се регистрирани 4.400 жртви, покажуваат податоците на Министерството за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Министерството за здравство, во последните 24 часа од последиците на коронавирусот починати се 4.454 лица, при што вкупниот број на починати изнесува 303.720.
Во Индија беше забележан експоненцијален пораст на случаите, при што дневниот број надминуваше 400.000. И покрај тоа што има опаѓање во дневниот број на нови случаи на заразување, тоа не е случај и со смртните случаи поврзани со коронавирусот.
Денес бројот на случаи на заразување опадна на 222.315, при што вкупниот број случаи на заразување изнесува 26,75 милиони, покажуваат податоците.
Според дневните бројки, најтешко погодената престолнина Њу Делхи, исто така, забележа значителен пад на новите случаи, но руралните области на земјата бележат зголемување на случаите на заразување.
Она што сега ги загрижува лекарите е зголемувањето на случаите на смртоносната габична инфекција мукормикоза. Според владините податоци, има речиси 9.000 случаи во земјата.
Според лекарите, мукормикозата е фатална за луѓето кои имаат слаб имунолошки систем и исто така предизвикува губење на видот и отстранување на носот и коската на вилицата доколку не се лекува навреме.
Индија моментално ги вакцинира против Ковид-19 сите лица постари од 18 години. Меѓутоа, земјата моментално се соочува со недостиг на залихи на вакцините.
Индија по бројот на регистрирани случаи на заразување со коронавирусот е на второ место во светот, по САД, а според бројот на починати е трета.