Servet Günerigök
05 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) – Бројот на смртни случаи од коронавирусот во Соединетите Американски Држави (САД) надминаа 900.000, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Универзитетот со седиште во Мериленд има регистрирано 901.388 смртни случаи и 76,3 милиони случаи од почетокот на пандемијата.
Соединетите Американски Држави сега имаат во просек 356.658 нови случаи, што е намалување од 38 % во однос на минатата недела.
Меѓу градовите во САД, Лос Анџелес регистрира најмногу заразени и смртни случаи, над 2,6 милиони заразени и над 29.000 смртни случаи.
Претседателот Џо Бајден ги повика Американците да се вакцинираат и да примат бустер дози доколку ги исполнуваат условите.
„Тоа е бесплатно, лесно и ефективно - и може да го спаси вашиот живот и животите на оние што ги сакате“, порача тој.
Заклучно со вчера, во САД целосно вакцинирани се 212,5 милиони Американци, покажуваат бројките од Центарот за контрола и превенција на болести.