Ahmet Gürhan Kartal
19 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денес се укинати сите мерки за заштита против коронавирусот, вклучувајќи ги заштитните маски и социјалната дистанца, и покрај зголемениот број случаи на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Местата за забава беше дозволено да ги отворат своите врати без никакви ограничувања од полноќ.
Додека земјата премина на владиниот чекор 4, со кој се укинуваат сите преостанати ограничувања, министерот за дистрибуција на вакцини ја бранеше одлуката, и покрај предупредувањата на научниците и некои опозициски партии дека тоа е ран чекор.
Надим Завахи рече дека укинувањето на ограничувањата е вистинската работа, со започнувањето на училишните одмори.
„Чекор 4 значи дека мнозинството ограничувања против Ковид-19 сега завршија, заменети со упатства за нагласување на лична проценка и одговорност“, се вели во соопштението на Владата.
Во меѓувреме, премиерот Борис Џонсон останува во самоизолација откако беше во близок контакт со министерот за здравство, Саџид Џавид, кој е позитивен на вирусот.
Во видеопорака во неделата, Џонсон рече: „Ве молам, ве молам, бидете внимателни. Одете напред утре во следниот чекор [Чекор 4] со сета соодветна претпазливост и почит кон другите луѓе и ризиците што вирусот продолжува да ги претставува.“
„Џонсон ги повика сите полнолетни лица кои сè уште не ја примиле првата или втората доза на вакцина да ја примат за да помогнат во заштитата на себеси и на другите“, се вели во соопштението.
„Случаите ќе продолжат да растат како што е утврдено од почетокот на Мапата на патот, но програмата за вакцинација значително ја ослабе врската помеѓу заразувањето и хоспитализацијата или смртноста“, се додава во соопштението.
Џонсон исто така ја потенцираше потребата да се остане претпазлив бидејќи ќе се отстранат ограничувањата.
„Пандемијата сè уште не е завршена и преминот кон Чекор 4 е рамнотежа на ризици. Случаите низ Велика Британија и Европа се зголемуваат, а заканата од новата варијанта останува“, се вели во соопштението.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, претходно изјави дека обврската за маска за јавниот превоз ќе остане на сила. Тој рече дека не е подготвен да ги изложи на ризик корисниците на јавниот превоз со релаксирање на тоа правило.
Секретарот за здравство во сенка, Џонатан Ешворт, изјави дека потегот е несовесен.
„Мислам дека ова денес е несовесно, не го поддржуваме начинот на кој Владата ги фрла во воздух заштитата и претпазливоста“, рече тој, зборувајќи за „Скај њуз“.
Просечниот број дневни случаи во текот на изминатата недела во Велика Британија беше над 45.000, а бројот на новозаразени надмина 50.000 пред неколку дена, првпат од средината на јануари. Повеќе од 316.000 луѓе се тестирани позитивни во текот на минатата недела низ Велика Британија.
Официјалниот број на починати поради коронавирусот во земјата изнесува 128.708.