Ekip
06 Јули 2020•Ажурирај: 07 Јули 2020
БЕРЛИН
Германската војска врши обука на кучиња за откривање на Ковид-19 кај луѓето, пишува германскиот магазин „Дер Шпигел“ (Der Spiegel), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на проектот кој заеднички го спроведуваат германската војска и Фондацијата на Факултетот за ветеринарна медицина во Хановер, стручен персонал обучува кучиња во Центарот за обука на кучиња во градот Улмен, за во човечката плунка да можат да го детектираат коронавирусот.
Во обуката учествуваат вкупно 10 кучиња - германски овчари, шпаниели и ретривери.
Идејата за проектот се појави затоа што овие кучиња не само што можат да детектираат експлозиви или лекови од молекуларен состав на мириси, туку и да почувствуваат разни видови тумори и хипогликемија кај дијабетичарите.
Германските истражувачи вклучени во студијата се оптимисти и очекуваат позитивен исход на проектот.
Центарот за обука на кучиња соопшти дека сè оди според планот и дека проектот успешно се спроведува, истакнувајќи дека ќе има многу поконкретни резултати во следните неколку недели.
Најмалку 300 германски воени кучиња ширум светот се користат за откривање експлозиви, дрога и мини.
Сепак, постои ризик кучињата да се заразат. Во ретки случаи, домашните миленици исто така можат да го добијат вирусот, бидејќи две нови студии покажуваат дека вирусот може да се пренесе и од луѓето на животни.
Освен во Германија, кучињата во уште неколку земји како што се САД, Финска и Велика Британија, се обучуваат за откривање на Ковид-19.
Освен преку плунка, вирусот може да се детектира и со помош на урина и пот.