Stipe Majic
28 Февруари 2020•Ажурирај: 01 Март 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Националниот кризен штаб на Цивилната заштита извести дека во Хрватска се потврдени два нови случаја на коронавирус. И двата случаја биле во близок контакт со претходно потврдените случаи и биле во карантин, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во Република Хрватска моментално има пет потврдени случаи на коронавирус. Двата први случаја го фатиле вирусот во северна Италија, а останатите случаи се заразени преку нив. Станува збор за блиски роднини, што укажува на фактот дека вирусот се пренесува преку поинтензивен и подолготраен контакт со носителот на вирусот.
Министерот за здравство, Вили Берош, на редовната прес-конференција на Кризниот штаб на Цивилната заштита извести дека во текот на изминатата ноќ и утрово тестовите покажале дека уште две лица се позитивни на коронавирусот.
„Она што е добро е што овие луѓе се блиски контакти на првиот и третиот пациент, така што ситуацијата и понатаму е под интензивен надзор“, рече Берош.
Тој додаде дека е охрабрувачки што вирусот се проширил само на лица кои биле во подолг и близок контакт со заболените.
„Досега во Хрватска тестирани се вкупно 159 болни, а за осум лица сè уште се чекаат резултатите“, извести Берош.
Директорката на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, Алемка Маркотиќ, изјави дека двата нови случаја се блиско поврзани со првите пациенти. Едно лице е поврзано со пациентот од Ријека и се чувствува добро, а другото лице, кое скоро веќе и не покажува симптоми, е поврзано со пациентот во Загреб.
Двата новопотврдени случаја и пред потврдата на коронавирусот биле изолирани, еден на Клиниката во Ријека, а другиот на Клиниката во Загреб.
„Оставен е впечаток дека станува збор за повеќе или помалку домашни инфекции, што нè наведува да веруваме дека е потребен поблизок и почест контакт во рамките на семејството или заедницата за инфекцијата полесно да се пренесе“, рече Маркотиќ.
Таа нагласи дека сите тројца пациенти кои се лечат на Клиниката за инфективни болести во Загреб се добро, со благи симптоми и без нешто што би било загрижувачки, и дека се очекува наскоро да се вратат дома, откако ќе бидат негативни на тестовите.
„Вирусот засега се однесува како фамилијарен вирус“, заклучи Маркотиќ.
Хрватското Министерство за земјоделство соопшти дека миленичињата и домашните животни не го пренесуваат коронавирусот, и дека во Европа нема потврда дека вирусот се пренесува од животни на луѓе.
Министерот за здравство, Вили Берош, рече дека е во комуникација со неговиот италијански и со неговиот германски колега и дека во Брисел се во тек подготовки за координација и заеднички пристап на државите членки на Европската Унија (ЕУ) во однос на ширењето на коронавирусот.