БРИСЕЛ (АА) - Европските земји, земајќи ја под контрола епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), во исто време ја забрзаа вакцинацијата на децата на возраст од 5 до 11 години против Ковид-19 со цел да ги одржат училиштата отворени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европската агенција за лекови (EMA), регулатор за лекови на ЕУ, на 25 ноември одобри вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ да се користи за возрасната група од 5 до 11 години, кај која е забележана висока стапка на инфекција. Агенцијата објави дека вакцината на лицата постари од 12 години ќе им се дава во помала доза.
По оваа одлука, многу земји преминаа во акција за наведената возраст, од која во ЕУ има приближно 27 милиони деца.
Со тоа се има за цел да се имунизираат децата кои се значително застапени меѓу зголемениот број новозаразени, за да се контролира севкупниот пораст, а во исто време да не се прекине образованието.
Некои покраини во Австрија, особено во главниот град Виена, почнаа со вакцинација на децата на возраст од 5 до 11 години пред препораката на ЕМА.
Виена на 15 ноември започна со пилот-проект, при што првенствено беа вакцинирани 200 деца. На 25 ноември вакцинацијата на децата се прошири низ целата земја.
Поради загриженоста од омикрон-варијантата на коронавирусот, која брзо се шири, по Австрија, локалните медиуми на земјите на ЕУ како што се Унгарија, Грција, Шпанија и Германија, информираа дека од страна на родителите има голема побарувачка за вакцинација.
- Унгарија -
Вакцинирањето на децата на возраст од 5 до 11 години во Унгарија започна на 14 декември.
Додека во тек е вакцинацијата на децата во 77 болници низ државата, досега во оваа земја се вакцинирани 38.000 деца.
- Грција -
Во Грција на 15 декември започна аплицирањето за вакцинирање против Ковид-19 на децата на возраст од 5 до 11 години. Досега се закажани повеќе од 30.000 термини за вакцинација на децата од оваа возрасна група.
Грција обезбеди 60.000 дози вакцина од „Фајзер“/„БајоНТех“ за деца. Со новата набавка на вакцини во јануари 2022 година, поголем број деца ќе можат да закажат термини.
Вакцините ќе се администрираат во детските болници и одредени центри за вакцинација кои ќе ги опслужуваат децата.
- Шпанија -
Вакцинацијата против Ковид-19 на децата на возраст од 5 до 11 години во Шпанија започна на 15 декември.
Во Шпанија во која има 3,3 милиони деца од оваа возрасна група, што одговара на 7 отсто од вкупното население, некои автономни управи одлучија вакцинацијата да се спроведува во болниците, а некои во училиштата.
Министерството за здравство на оваа земја соопшти дека во првата етапа се набавени 1,3 милиони дози вакцина за деца од „Фајзер“/„БајоНТех“ против Ковид-19, а следниот месец ќе пристигнат уште 3 милиони дози.
Министерството соопшти дека до крајот на јануари се планира да се даде првата доза вакцина на сите деца што се на возраст од 5 до 11 години. Интервалот на вакцинација со втора доза за оваа возрасна граница изнесува 8 недели.
- Франција -
Франција, пак, на 15 декември почна со вакцинација на децата на возраст од 5 од 11 години, кои од здравствен аспект се сметаат за „ризична“ група. Станува збор за околу 360.000 деца.
Вакцинирањето на сите деца на возраст од 5 до 11 години во земјава се планира да се спроведе по 20 декември.
- Германија -
Постојаната комисија за вакцинација (STIKO) на Германија на 9 декември ја препорача вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ за оваа возрасна група.
По разгледувањето на сите досега достапни податоци, Комисијата одлучи за децата со различни болести на возраст од 5 до 11 години да ја препорача вакцината против Ковид-19.
Исто така, препорачано е да се вакцинираат и децата кои биле во контакт со луѓе кои не можеле да се заштитат со вакцината.
Комисијата соопшти дека по препорака на лекар и на барање на родителот, вакцината против Ковид-19 може да се примени кај децата на возраст од 5 до 11 години кои немаат некоја болест.
Со достапноста на повеќе податоци и други наоди за безбедноста на вакцината за оваа возрасна група, Комисијата веднаш ќе може да ги прегледа податоците и доколку е потребно, да ја ажурира својата препорака за употреба.
- Швајцарија -
„Свисмедик“, која ја регулира легислативата во областа на лекувањето и здравјето во Швајцарија, на 10 декември ја одобри вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ за деца на возраст од 5 до 11 години.
Сепак, се очекува вакцинацијата на децата да започне во првите недели од јануари 2022 година.
- Белгија -
Во Белгија оваа недела се доставени 336.000 дози од вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“, а се очекува дополнителни 636.000 дози да бидат набавени во јануари 2022 година.
Владата ги чека препораките на Здравствениот совет пред официјално да ја започне кампањата за вакцинација на децата на возраст од 5 до 11 години.
Во врска со ова прашање синоќа се одржа седница на Владата, но се очекува конечната одлука Меѓуресорскиот совет да ја соопшти на 20 декември.
- Велика Британија и САД -
Се проценува дека и Велика Британија ќе го оцени ова прашање и ќе донесе одлука пред Божиќ.
На 3 ноември САД почнаа да ги вакцинираат децата од споменатата возрасна група и досега се вакцинирани над 5 милиони деца.