Sümeyye Dilara Dinçer
12 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ПЕКИНГ (АА) - Резултатите од истражувањето спроведено од кинеските научници покажаа дека тројца од четири пациенти во градот Вухан во Кина, каде што новиот тип коронавирус (Ковид-19) се појави за првпат, имале најмалку еден здравствен проблем шест месеци откако се заразиле со овој вирус, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Како што наведува „Медицикал експрес“, кинеските научници го спровеле истражувањето со следење на здравјето на 1.700 пациенти во текот на шест месеци, откако се заразиле со коронавирусот во Вухан во јануари и мај минатата година.
Резултатите од ова научно истражување се објавени на 8 јануари во магазинот „Лансет“, неделно рецензирано научно списание од областа на медицината.
Истражувачите откриле дека 76 проценти од пациентите што го прележале Ковид-19 имале најмалку еден здравствен проблем шест месеци по заразувањето.
Во истражувањето се наведува дека по шест месеци, 63 отсто од пациентите чувствувале замор или мускулна слабост, 26 отсто имале проблеми со спиењето, а 23 отсто имале депресија.
Експертите, исто така, ставија фокус на фактот дека кај луѓето што биле во потешка состојба поради Ковид-19 подоцна е утврдено дека имаат 13 отсто помала функција на белите дробови и бубрезите.
Д-р Бин Као, еден од истражувачите што работеа на оваа студија, изјави дека е потребно да се продолжи со научните истражувања со цел понатаму да се сфати и објасни Ковид-19 со кој се соочува целото човештво.
„Бидејќи Ковид-19 е нова болест, само што почнуваме да ги сфаќаме нејзините долгорочни ефекти“, рече Као.
Тој, исто така, нагласи дека пациентите со тешка клиничка слика што го преживеале Ковид-19 имале потреба од нега по излегувањето од болница.