Havva Kara Aydın
26 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
РИМ
Премиерот на Италија Џузепе Конте истакна дека мерките за воведување карантин ширум земјата преземени против новиот вид коронавирус (Ковид-19) ќе се укинуваат постепено почнувајќи од 4 мај, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конте одржа прес-конференција на премиерската палата „Чиги“ на која говореше за постепено укинување на мерките преземени почнувајќи од 10 март во земјата.
„Почнува втората фаза. Влегуваме во период кога ќе живееме заедно со вирусот. Од сите Италијанци очекувам да бидат силни, храбри и одговорни. Во оваа фаза основа ќе биде одговорното однесување на секој од нас. Не треба да се доближиме едни кон други. Безбедното растојание меѓу нас треба да биде најмлаку еден метар. Кој има температура од 37,5 степени треба да остане дома и да повика доктор во својот дом“, рече Конте.
Според него, доколку не се внимава во овие работи, повторно ќе се зголеми стапката на случаи со Ковид-19.
„Ако не го почитуваме овие чекори, тогаш повторно ќе се забележи раст на смртните случаи и ќе се предизвикуваат неповратни штети во нашата економија. Ако ја сакате Италија, држете растојание“, додаде Конте.
Италијанскиот премиер нагласи дека „Втората фаза“ ќе започне на 4 мај, и рече: „Треба да ги поставиме темелите на повторното мобилизирање на нашата земја“.
Конте информира дека ќе се намалат цените на маските, и дека нема да има ДДВ за овие маски.
Според Конте, во втората фаза ќе се дозволат семејните посети како и ќе се овозможи огреничен пристап до јавните паркови. Тој рече дека исто така погребните церемонии ќе може да се организираат со учество на не повеќе од 15 лица и со услов да се почитува потребната дистанца.
Тој нагласи дека во оваа фаза нема да име целосна слобода за секого, и дека ќе продолжи забраната за патување меѓу зоните, доколку нема задолжителна и валидна причина.
Конте истакна дека уште извесно време надвор ќе може да се излезе со документ за дозвола.
Италијанскиот премиер рече дека мерките преземени против Ковид-19 ќе се укинуваат постепено почнувајќи од 4 мај.
Според тоа, градежниот сектор, секторот за производство и трговија на големо ќе се отворат на 4 мај; музеите, изложбите и библиотеките ќе се отвораат на 18 мај; рестораните, кафулињата и фризерници ќе се отвораат на 1 јуни.
Конте нагласи дека училиштата ќе останат затворени поради ризик од ширење на вирусот, и ќе се отвораат во септември.
„Ако во оваа фаза повторно ќе ги отвориме училиштата, тогаш ризикот за ширење на вирусот може да биде многу голем“, додаде Конте.
Запрашан кога ќе започнат фудбалските лиги, Конте одговори дека министерот за млади и спорт, Винченцо Спадофора и експертите работат во оваа насока, но како што рече тој, групните спортски активности ќе може да започнат на 18 мај.
Конте исто така беше запрашан околу тоа кога ќе започне „Третата фаза“.
„Треба да чекаме некоја терапија или вакцина со цел целосно елиминирање на ширењето. Затоа е тешко да се процени научната еволуција. Сега е тешко да се каже тоа. Моментално треба да го програмираме постепеното укинување на мерките за спроведување карантин“, истакна италијанскиот премиер.