Şenhan Bolelli
22 Мај 2020•Ажурирај: 22 Мај 2020
МАДРИД
Крузер со 400 патници кој се прикотви на пристаништето во Барселона е ставен во карантин, откако е потврдено заразување со Ковид-19 кај еден член од посадата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија соопшти дека заразениот член на посадата е изолиран од патниците и останатите колеги и дека крузерот е ставен во карантин.
Во соопштението се наведува дека заразениот има благи симптоми и дека се наоѓа во добра здравствена состојба.
Од Министерството напоменаа дека поради пандемијата на Ковид-19 е забрането усидрување на бродовите, но дека ситуацијата со крузерот, во кој досега е потврден само еден случај на заразување, била поразлична.
Шпанските власти, во рамките на мерките против ширењето на Ковид-19 воведоа двонеделен задолжителен карантин за сите странски патници кои патуваат од странство.
Според последните податоци, во Шпанија од последиците на Ковид-19 починаа 27.940 лица.