Tuba Şahin
20 Јуни 2020•Ажурирај: 21 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Затворањето на училиштата поради вирусот Ковид-19 може да доведе до трајни загуби во образованието и да предизвика загуба во приходите од 10 билиони долари, се вели во извештајот на Светската банка објавен во четвртокот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ова [10 билиони долари] претставува околу 16 отсто од вкупните издатоци за образување на овие ученици, за нивното целосно основно образование“, се вели во извештајот.
„Придонесувајќи 1,6 милијарди ученици да не посетуваат училиште во месец април, кризата со коронавирусот е проследена со длабока рецесија“, велат од Светска банка.
„Без брзо, решително и координирано дејствување, кризата се заканува дека ќе наметне огромен неуспех на тешкостекнатите придобивки во однос на човечкиот капитал, неповратно оштетувајќи ги доживотните можности на милиони деца“, вели Анет Диксон, потпретседателката на Светската банка за човечки развој.
Пред кризата, учениците поминуваа во просек 11,2 години во школување во текот на нивниот образовен период во животот.
Во извештајот се предвидува дека петмесечното затворање на училиштата поради вирусот ќе резултира во непосредна загуба на 0,6 години од школувањето во однос на квалитетот, со што ефективното учење што ученикот може да го постигне паѓа од 7,9 години на 7,3 години.
Светот веќе се бори со криза во учењето, при што 53 отсто од децата во земјите со ниски и средни приходи живеат во т.н. „сиромаштија во учењето“ - односно не можат да читаат и разберат едноставен текст на 10-годишна возраст.
„Со ширењето на коронавирусот, кризата во образованието ќе биде уште подлабока“, потенцираше Хаиме Сааведра, директорот за образование на Светската банка.
„Симулираните ефекти покажуваат потенцијален голем проблем во однос на целта да се преполови бројот на „сиромаштијата во учењето“ до 2030 година, освен ако не се преземат драстични дополнителни активности“, истакнува Сааведра.
Според извештајот, речиси 7 милиони ученици од основното образование би можеле да се откажат од училиштето поради недостатокот на приходи поради пандемијата.
Во извештајот се нагласува дека комбинацијата на напуштање на училиштето и губењето на доволните приходи за живот може да ги направи посебно ранлива категорија девојчињата, и може да ја зголеми нивната исклученост и нееднаквоста.
Петмесечното затворање на училиштата и придружниот економски шок може да резултираат во намалување на годишниот профит за 872 долари од секој еден ученик, што е еквивалентно на изгубени приходи од околу 16.000 долари за текот на образовниот живот на еден ученик.