Tuba Şahin
27 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
АНКАРА
Меѓународните туристи ќе бидат ослободени од правилата за затворање во Турција, што ќе бидат воведени со цел да се запре ширењето на коронавирусот, изјави министерот за туризам, Нури Ерсој, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Целосното или делумното затворање на земјата од појавувањето на коронавирусот, никогаш не важеше за туристите“, изјави Ерсој во своето обраќање на настан одржан во медитеранскиот град Анталија.
„Тие слободно можат да патуваат со своите пасоши, да посетуваат музеи и археолошки места. Да се биде турист е поволно во Турција“, нагласи Ерсој.
Турција ќе воведе целосно затворање од 29 април до 17 мај за да се запре ширењето на коронавирусот.
Новите мерки ќе го опфатат целиот муслимански свет месец Рамазан, како и трите дена од празникот Бајрам.
Кафулињата и рестораните ќе нудат само услуги за достава, додека синџирите на супермаркетите ќе бидат затворени во недела.
Наведувајќи ја програмата за сертификација на безбеден туризам во земјата, Ерсој рече дека критериумите за добивање на сертификатот се проширени оваа година.
Тој потсети дека се вакцинираат професионалците што работат во туристичкиот сектор, односно во хотелите, рестораните, туристичките агенции и авиокомпаниите.
„До крајот на мај, вакцинацијата ќе биде завршена“, додаде тој.
„Туристичките услуги во Турција ќе бидат понудени на поконтролиран и поздрав начин во споредба со минатата година“, рече Ерсој.
Цитирајќи податоци од амбасадите во Турција, Ерсој рече дека стапката на заразување кај туристите што ја посетиле Турција и се вратиле во своите земји е многу ниска.
„Ова е доказ за веродостојноста на сертификацијата и за преземените мерки“, истакна тој.