Erdoğan Çağatay Zontur
26 Мај 2020•Ажурирај: 26 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Турција испрати авион со медицински материјали за африканската држава Чад како помош во борбата со пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Товарниот авион со медицински материјали полета од Анкара, испратен по налог на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Меѓу медицинската помош што треба да пристигне во Чад е и возило за брза помош.
На пакетите со помош се испишани стиховите на поетот од 13 век Џалалудин Руми на турски и на англиски јазик: „По безнадежноста, следува голема надеж. По темнината, следува многу посилно сонце“.
Турција испрати помош на најмалку 55 земји во светот, меѓу кои и во САД, Италија, Шпанија, Велика Британија Северна Македонија и други, и е третиот најголем снабдувач со хуманитарна помош во светот за време на пандемијата.
Откако првпат се појави во Кина минатиот декември, вирусот Ковид-19 се рашири во речиси 200 земји и региони. САД и Европа во моментов се најтешко погодени делови на светот.
Од пандемијата досега починаа над 346.200 луѓе во светот, речиси 5,5 милиони се дијагностицирани со вирусот, додека Ковид-19 го победија 2,23 милиони луѓе, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.