Edıta Zekjırovıc
25 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Културно-информативниот Центар (КИЦ) во Скопје вечерва е отворена осмата Меѓународна изложба „Мост“ на која се претставени ликовно-уметничките дела на ликовни уметници од Северна Македонија, Турција и Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изложбата ја отвори академскиот сликар и графичар Мирко Вујисиќ од Северна Македонија, кој рече дека оваа изложба создава еден неверојатно висок степен на единство помеѓу уметниците.
За делата на уметниците говореше Фехим Хусковиќ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, кој истакна дека делата се на ликовни уметници од Северна Македонија, Турција и Србија.
Проф. д-р Хусковиќ рече дека Меѓународната изложба „Мост“ се одржува осум години по ред во Скопје, а оваа година се претставени делата на авторите Лидија Вујисиќ, Мирко Вујисиќ и Горан Јованов од Северна Македонија; Мелахат Тузун и Зелиха Акчаоглу од Турција и Меџид Факиќ од Србија.
„Како и секоја година така и оваа година [изложбата] „Мост“ има иста задача да ги приближи различните гледишта и различните ракописи, а преку тие ракописи и различните приказни од каде што доаѓаат авторите“, истакна Хусковиќ.
Мелахат Тузун, од Турција, професорка на Факултетот за дизајн и архитектура во Текирдаг, воедно и професорка на Тракискиот Универзитет се заблагодари за поканата и додаде: „Голема е честа што изложувам мои дела заедно со делата на неколку многу добри автори од регионот“, рече Тузун.
Авторот Меџид Факиќ од Србија изрази особено задоволство што е дел од проектот „Мост“, кој, како што рече, симболизира единство: „Живееме на такви простори каде ни требаат што повеќе мостови и се надевам дека овој проект уште многу години ќе живее и ќе ја носи таа исклучително добра порака“.
Организатор на изложбата е Бошњачката културна заедница во Северна Македонија и Фехим Хусковиќ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а поддржана е од Културно-информативниот Центар – Скопје, Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) и Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ.
Изложбата ќе трае 15 дена.