Sena Güler
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
ЧОРУМ (АА) - Саркофаг со човечки скелет стар 2.000 години е откриен во централна Турција, за време на градежните работи за изградба на пат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Општинските работници во турската област Чорум пронајдоа саркофаг закопан околу 70 сантиметри под површината на земјата, и за тоа го информираа Градскиот музеј.
Експертите, заедно со припадници на полицијата го посетија местото на пронаоѓање на саркофагот кој по ископувањето е префрлен во музеј.
Во саркофагот се пронајдени парчиња стакло, како и шишенцe парфем. Освен тоа, пронајден е и скелет кој поради понатамошно испитување е испратен на Одделението за антропологија при Универзитетот „Хитит“ во Чорум.
Челничката на Канцеларијата за култура и туризам во областа Чорум, Сумеја Шенѓул, изјави дека саркофагот со должина од 2,72 метри потекнува од римскиот период.
„Кога го отворивме капакот на саркофагот, видовме женски скелет. Се проценува дека припаѓа на стара жена“, рече Шенѓул, истакнувајќи дека таков саркофаг е редок на тоа подрачје бидејќи е изработен од локални материјали.
Додаде дека поради ваквите откритија потребно е темелно да се истражи регионот.
„Може ќе наидеме на некои нерегуларни погребувања од римскиот период“, рече Шенѓул.
Дирекцијата на музејот со поддршка на Министерството за култура и туризам започна активности за детално истражување и зачувување на регионот како заштитено подрачје.