Miki Trajkovski
24 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
СТРУГА (АА) - Со рецитирање на песната „Тга за југ" од Константин Миладинов и со палење на фестивалскиот оган во Струга беа отворени 56-те по ред Струшки вечери на поезијата, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа најпозната поетска манифестација не само во Македонија туку и пошироко годинава учествуваат триесеттина поети од 29 држави од целиот свет.
Фестивалот за отворен го прогласи министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, којшто дека Струшките вечери претставуваат собир на најдоборото од светската поезија и место за размена на идеи,искуства и визии.
„ Ако кажам дека Министерството за култура ќе продолжи да ја подржува оваа манифестација ќе кажам нешто премногу очекувано и нешто што е веќе обврска. Од овој фестивал сите ние очекуваме да биде предводник на квалитетот и фестивал кој го прикажува најдоборото и најактуелното од домашното и од меѓународното поетско творештво", истакна Алаѓозовски.
Од Струшките вечери на поезијата додаде Алаѓозовски се очекува да понудат нов пристап надвор од очекуваните фестивалски димензии се со цел да ја доближи поезијата до посетителите и учесниците и сите граѓани
Директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стевоски кажа дека во изминатите години фестивалот ги презентирал најзначајните современи поети од светот но и неколку десетици национални книжевности, а достојно била презентирана и македонската поезија.
„Сите овие активности направија Струшките вечери на поезијата да бидат респектирани како институција која има исклучително значајна улога во промовирањето на поетските вредности во светски рамки. Сето тоа обврзува една таква институција да се развива постојано да се осовременува, да стреми кон нови форми, начини и места каде поетското творештво ќе биде презентирано“, рече директорот Стевоски.
Стевоски кажа дека ова фестивалско издание ќе понуди исклучителни творци, актуелни и провокативни со своето творештво, добитници на престижни награди објавувани на десетици јазици. Според него фестивалот ќе продолжи со неговата мисија да биде промотор на најголемите дострели во современото творештво.
После свеченото отварање се одржа меѓународното поетско читање „Поетски мередијани“, на која сите поети учесници читаа стихови од својата поезија.
Помеѓу нив беа и добитниците на наградите Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга. Овој пат тоа е Горан Чолакхоџиќ од Хрватска и Иван Џепароски добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија.
Во текот на шесте фестивалски дена во програмата се предвидени речи си педесет настани, поетски читања, портрети, претставувања на издавачките проекти, сипозиуми, дебати, музички и други случувања.
Официјалниот дел на годинешниве Струшки вечери на поезијата завршуваат на 27- август со меѓународното поетско читање Мостови и со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.
Овогодинешниот добитник на највисокото признание „Златен венец" на Струшки вечери на поезијата е американскиот поет со српски потекло Карлс Симиќ.
Фестивалот ќе ги посети и Битола, Охрид, Ресен и Скопје.