Eşber Ayaydın
16 Март 2018•Ажурирај: 18 Март 2018
ИЗМИР (AA) - ЕШБЕР АЈАЈДИН - Украинскиот музичар Денис Тончевски се занимава со улична музика со абориџинскиот музички инструмент дидгеридо и африкански тапан, и патува низ целиот свет со парите што ги заработува на овој начин.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) Тончевски раскажа дека бил импресиониран од музичка група што ја слушнал на новогодишната ноќ, и во 2015 година ја напуштил работата како системски менаџер во Русија и започнува светска турнеја со музичките инструменти.
Денис Тончевски патувал во 10 земји во последните 3 години со парите што ги заработил од музиката, а во земјите каде што оди свири дидгеридо, абориџински музички инструмент, и африкански тапан.

Музичарот понекогаш преноќува во шатор, а понекогаш кај пријатели што ги запознава во земјите што ги посетува. Во разговор за Anadolu Agency (AA) тој зборуваше за неговата љубов кон музиката и неговиот живот во турскиот град Измир, кој е негова сегашна дестинација.
Тончевски вели дека по некое време неговата музика се претворила во начин на живот. „Се оставив себеси да ме води текот на животот. Пред три години се откажав од сè и тргнав со инструментите. Почнав прво да патувам низ Русија, а потоа со ритамот на музиката отпловив во различни земји“, раскажа Тончевски.
- „Немам проблеми за престој во земјите што ги посетувам“
Украинскиот патник останува на едно место додека да заработи доволно пари за да отиде во друга земја.
„Во меѓувреме ја шетам таа земја, ги запознавам луѓето што произведуваат музика. Мојата турнеја започна во Русија, потоа Белорусија, Крим, Киргистан, Таџикистан и Кина. Ја прошетав цела Кина за една година. Немам проблеми за престој во земјите што ги посетувам. Понекогаш ме покануваат луѓето што ги среќавам додека свирам, а честопати останувам во шатор што го носам во торба“, рече тој.
Тончевски наведува дека престојува во куќа во Урла, Измир, која е во сопственост на пријател кој го запознал преку интернет.
„Парите што ги заработувам од музиката ги користам за храна, виза и патни трошоци. Досега не се соочив со некоја тешкотија, добивав помош од луѓето што ги запознав. Патувам без да направам план, по заработувањето доволно пари, продолжувам на следната дестинација. Сè уште не одлучив каде ќе отпатувам по Турција“.
Тончевски, на крајот, наведе дека многу му се допаѓа Турција и дека тука му е многу пријатно.