Göksel Cüneyt İğde
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Хајрула Алтај, кој живее во турската област Дузџе, преку древната уметничка вештина на сечење хартија (кат’и техника), сликање со маслени бои, како и техники на релјеф, ги преточува во слика најголемите рани на денешницата, војните и еколошките проблеми, јавува Анадолу.
Алтај, кој целиот свој работен век го поминал во областа на маркетингот, но и како градежен техничар, каде што ги развил своите вештини за дизајн, цртање, сечење и обликување, кога заминал во пензија, неговите раце, навикнати на прецизност, го пронашле патот до уметноста.
Веќе 18 години се занимава со калиграфија и уметноста во сечењето, па така гневен од состојбата во која се наоѓа светот, тој во неговата работилница го создал делото насловено „Тивок крик“ со цел да ја крене свесноста за војните и еколошките проблеми кои се сѐ почести.
Хајрула Алтај за Анадолу рече дека, во светот, особено во последните неколку години, преовладуваат суровост, крв и солзи поради сè поголемиот број војни.
Тој додаде дека и еколошките проблеми се во пораст, па по долга фаза на дизајнирање, создал слика која има за цел да го поттикне човекот на размислување и секого да го потсети на одговорноста што ја има пред светот.
- „Поделбата на два дела е знак дека светот веќе не може да го поднесе ова зло“ -
Објаснувајќи дека неговото дело е создадено со примена на мешани техники, Алтај раскажа за својот творечки процес:
„Вклучувајќи ги релјефот и маслото на платно, целата атмосфера во заднината ја изработив со техниката кат’и. Земјината топка и океанот на предната страна ги насликав со маслени бои. За да го симболизирам гнилежот на човештвото, американскиот континент на левата страна го направив од суви кори од дрво. Наспроти тоа, континентите Азија, Европа и Африка на десната страна ги изработив од филц и ги оставив малку зелени. Значењето на ова е дека во светот сè уште постои човештво кое не ја изгубило својата надеж; сакав да испратам порака на верба дека светот ќе се подобри. Слојот од магма, кој ја прикажува Земјата распукана на два дела, всушност ни кажува дека овој свет повеќе не може да го издржи целиот овој товар од злоба.“
Целиот овој немирен свет, Алтај го опкружил со арапската буква „нун“ (ن).
„Тоа ја претставува вистината дека Земјата всушност се движи по една божествена орбита. Празното пространство во заднината потсетува дека во целиот космос, Земјата зазема сосема мал дел. Тоа е порака дека човекот ќе тргне во вистинската насока само ако својата одговорност ја поврзе со Апсолутниот Авторитет. Ова е мојот тивок крик, но и крикот на самата Земја. Ова е мојот 'естетски' протест против лошиот правец во кој се движи светот“, вели тој.