Admir Fazlagikj
25 Декември 2015•Ажурирај: 28 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор вечерва е промовирана книгата "Време на пеколот" од авторот Шефкија Боранчиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Промотори на книгата беа универзитетскиот професор и филозоф Ферид Мухиќ и проф. д-р Зекир Рамчиловиќ.
"Авторот на книгата зборува за историската неправда која му се нанесува на еден народ и тоа го прави на одличен начин" , истакна помеѓу останатото Мухиќ, зборувајќи за романот "Време на пеколот" . Тој додаде и дека постојано на македонскиот и бошњачкиот народ им се оспорува идентитетот и дека идентитетот како и името на еден народ е нешто што никој не може и не треба да го оспорува.
"Со романот "Време на пеколот" Шефкија Боранчиќ им пружи прилика на Бошњаците да се разберат себе си и времето во кое живеат подобро отколку што тоа го направиле многу книги и политички програми" , рече Мухиќ.
Промотор на книгата беше проф. д-р Зекир Рамчиловиќ, кој осврнувајќи се на новото книжевно дело на Боранчиќ истакна дека тој е еден од најпознатите бошњачки писатели во Република Македонија и дека неговите дела се вредни за секоја почит.
"Она што треба да го научиме конечно е да ги почитуваме создавачите, оние кои творат и со нивните дела зборуваат за нас" , рече промоторот Рамчиловиќ, велејќи дека романот "Време на пеколот" претставува значајно книжевно дело за кое допрва ќе се зборува.
На крајот од промоцијата се обрати авторот, Шефкија Боранчиќ. Велејќи дека е неблагодарно да се зборува за своите дела и дека секогаш публиката очекува посебна порака од писателот, тој истакна дека е "многу важно да се има приказна во која новите генерации гледаат како макотрпно се градеше колективен и поединечен став за себе".
Во својство на издавачот на книгата, здружението за култура, заеднички вредности и одржив развој "Диван" , се обрати Салем Изберовиќ, а модератор на промоцијата беше Амира Еминовиќ.
Шефкија Боранчиќ е бошњачки писател кој живее и твори во Република Македонија. Пишува поезија и проза. Автор е на осум книжевни дела меѓу кои се издвојуваат, збирката стихови "Санџачки лавиринт", романот "Сонот на Емина", "Ахмед", "Потврд од каменот" , "Мухаџири" . Романот "Време на пеколот" е негово најново книжевно дело.