СКОПЈЕ (АА) - Парламентарната комисија за култура во Собранието на Р. Македонија денес ја заврши надзорната расправа на тема „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство, јавува Anadolu Agency (AA).
На расправата беа поканети надлежните органи за да ги претстават нивните предлози околу оваа тема, кои во наредните денови ќе ги разгледа Комисијата за култура за да ги одобри нацрт-заклучоците.
Претседателката на оваа комисија, Ирена Стефоска, рече дека оваа надзорна расправа има за цел да добие професионални информации и мислења во врска со спроведувањето на политиките, законите и реализирањето на активностите за управување со Охридскиот регион, при што, од учесниците ќе се добијат професионални одговори и мислења околу спроведувањето на овие предлози за кои станува збор, во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство, и нивното целосно транспонирање во законодавството на Македонија.
На денешната седница беа поканети претседателот на Собранието, пратеници и претседателите на парламентарните групи, а присутни беа и членовите на Националната комисија на УНЕСКО за Македонија, претставници на Националниот демократски институт (НДИ), на Обединетите нации (ОН), на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), и претставници на различни невладини организации од Охридскиот регион.
На оваа седница, свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Дебарца, Зоран Ногачески, кој рече дека општината е дел од Охридскиот регион и дел од зоната на заштитеното наследство.
Тој нагласи дека неговото присуство на оваа парламентарна комисија за култура е поради тоа што бара уште поголемо учество од територијата на општината во листата на УНЕСКО, која се однесува на зоните на светското културно наследство, при што, го спомна Белчишкото блато.
„Сe работи за Белчишкото блато, за едно водно живеалиште, за еден блатен систем, најголем во Македонија, којшто е сочуван во оригинална форма, и мислам дека тој треба да биде дел од заштитеното подрачје. Свесен сум дека постојат правила, меѓутоа, мислам дека во наредниот период сите институции треба се заложиме да се ревидираат границите на заштитеното подрачје, барем во делот на Белчишкото блато“, рече Ногачески, кој потоа ги слушна прашањата на Комисијата, чии одговори ќе ги достави во писмена форма, според процедурата на Комисијата.
Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фејзула Спахиа, во своето обраќање нагласи дека неговата институција врши редовни инспекции од областа на животната средина, но се жалеше од малиот број на инспекторите за кои рече дека не можат да го покријат целиот заштитен регион во Македонија, додека Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар и недвижности, истакна дека во член 8 од Законот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион, утврдени се границите на заштитените зони, а дека сега неговата институција ги има на располагање и тие се објавени во електронска форма и доставени им се на надлежните органи.
Невладините организации нивните предлози ги пренесоа претежно преку амбиентални прашања, за намалување на автомобилскиот сообраќај во заштитените зони, изградба на велосипедски патеки, а се жалеа за изградбата на кафулињата во близина на езерото.

Ана Лешоска од „Екосвест“ рече дека тие направиле една физибилитет-студија за намалување на преоптоварениот автомобилски сообраќај во националниот парк Галичица.
Таа истакна дека ја објавиле студијата „Smart Ohrid“, на која работеле 11 експерти од Македонија и странство.
Според неа, за разлика од предлогот за нов пат кој води до паркот, тие препорачуваат мерки кои ќе ја намалуваат потребата за движење со автомобили.
„Со нашиот план, проблемите со сообраќајот во Охрид можат да се решат, додека националниот парк Галичица може да се развие со форми од низок јаглероден диоксид со 5 дела. Воспоставување на сезонски данок за возилата во летната сезона, со исклучок на локалните жители, поставување мултимедијален транспортен центар на излезот од Охрид, каде што ќе ги напуштат возилата и патуваат со други алтернативи, автобуси, велосипеди, чамци, број на автобуси, по можност хибрид и изградба на велосипедски ленти во врска со Охрид-Свети Наум“, рече таа.
Претходно, на јавната расправа со свое обраќање учествуваа Роберт Алаѓозовски (поранешен министер за култура), Садула Дураку (министер за животна средина и просторно планирање), Горан Сугаревски (министер за транспорт и врски), Јован Стојановски (градоначалник на општина Охрид), Рамис Мерко (градоначалник на општина Струга), Зијадин Села (поранешен градоначалник на општина Струга), проф. д-р Донка Барџиева (експерт во заштита на културното наследство и членка на Комисијата за управување со Охридскиот регион), и Александра Бујароска (од НВО „Front 21/42“).
Комисијата за култура ќе ги разгледа информациите, мислењата и добиените документи, и врз основа на тоа ќе донесе заклучоци за кои се очекува да дејствуваат надлежните институции.