Ekipa
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
БАКУ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес од Баку порача дека вредно се работи на проектот за Трансатлантскиот гасовод ТАНАП, и дека наскоро првите количини на гас од Азербејџан ќе тргнат кон Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, во рамките на посетата на Азербејџан, се сретна со азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, а по средбата одржана е прес-конференција.
Во своето обраќање, Ердоган укажа на цврстите односи на неговата земја со Азербејџан, додавајќи дека вчерашното пуштање во сообраќај на железницата помеѓу главниот град на Азербејџан преку Грузија до турскиот град Карс, дополнително ги зајакнало овие односи.
Тој нагласи дека континентите веќе не се поврзуваат само во одредени области, туку дека спојувањето на континентите на енергетски план најдбро говори за односите на Турција и Азербејџан.
Според претседателот Ердоган, еден од најдобрите показатели на оваа врска е проектот за Трансатлантскиот гасовод ТАНАП, преку којшто треба да се врши транспорт на природен гас од Азербејџан преку Турција до Европа.
„Активностите на гасоводот ТАНАП се во тек. Се надеваме дека нема долго да потраат. За кратко време азербејџанскиот гас ќе се испорачува во Европа. Се разбира, тоа на некои им смета“, порача Ердоган.
Говорејќи за трговската размена меѓу Турција и Азербејџан, Ердоган истакна дека обемот во моментов изнесува 1,6 милијарди долари, и додаде дека се надева оти оваа бројка во наредниот период ќе достигне пет милијарди долари.
Тој додаде и дека соработката меѓу двете земји се зајакнува и на политички, воен, економски, трговски и културен план, истакнувајќи го и јакнењето на соработката на полето на одбранбената индустрија.
Во рамките на посетата на Ердоган на Азербејџан, меѓу двете земји се потпишани повеќе договори меѓу кои Протоколот за соработка во областа на образованието, Договор во областа на образованието, Меморандум за разбирање за потпишување на договор за соработка во областа на трговијата, Договор за соработка на полето на производството и сертифицирањето на фуражните култури, како и Протоколот за 6. состанок на Советот за стратешка соработка на двете земји.