СКОПЈЕ (АА) - Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, денеска беа во посета на Пунктот за бездомници на Црвениот крст во Момин Поток, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека е потребно сите институции да бидат вклучени во решавање на прашањата околу бездомниците.
„Скопје не е единствениот град кој има бездомни лица. Токму затоа, оваа година, во соработка на Црвениот крст и Министерството за труд и социјална политика и општините се отвораат уште три дополнителни пункта на територијата на Македонија, коишто ќе работат како регионални центри за бездомни лица, и тоа во Битола, Струга и во Струмица. Тие се подготвени и се опремени со храна, облека, кревети и можност за добивање топол оброк за сите бездомни лица што ќе се појават во периодот од зимата, и тие ќе работат 24 часа“, истакна Царовска.
Мобилните тимови на Црвениот крст во овие градови се подготвени за прифаќање на бездомните лица. Функционирањето на пунктот за бездомници во град Скопје е поддржано од страна на Град Скопје и од повеќе компании и индивидуалци.
Според Тунева Пауновска, од денеска, Црвениот крст за време на екстремно ниските температури ќе овозможи сместување во привременото прифатилиште, а пак мобилни тимови на Црвениот крст ќе бидат достапни 24/7 за да укажуваат помош и да обезбедат превоз за сите бездомни лица за кои има дојава од теренот.
„Во целата операција, која планираме да трае три месеци, односно во декември, јануари и февруари, ќе бидат вклучени 40 волонтери, дополнителни патролни социјални служби коишто ќе патролираат во вечерните часови и, секако, тука ќе имаме на располагање одреден медицински персонал кој ќе може да излезе во пресрет на лицата кои ќе имаат потреба од здравствена заштита“, истакна Тунева Пауновска.
Градоначалникот Шилегов рече дека градот Скопје се грижи на секаков можен начин да им излезе во престрет на бездомните лица што живеат на неговата територија.
„Се работи за наши сограѓани на кои им е неопходна нашата помош, пред сѐ, во форма на сместување. Скопје е солидарен град. Нашата цел е да им помогнеме на овие луѓе, особено во зимскиот период, кога ниските температури значително ги отежнуваат условите за живот“, изјави Шилегов.
Тој нагласи дека градот Скопје досега извојувал 500 илјади денари годишно за поддршка на овој центар, додавајќи дека оваа сума сега е зголемена за 30 проценти во буџетот за 2018 година, што значи дека сумата ќе изнесува повеќе од 700 илјади денари.
Пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје овозможува помош и поддршка на 50 бездомници на дневна основа, кои редовно го посетуваат двапати во неделата. Тие ги користат услугите за одржување на хигиената и берберски услуги.
Со нив работи тим од доктор, психолог и социјален работник и согласно нивните потреби, се работи на намалување на нивната ранливост и подобрување на здравствената состојба. Покрај овие услуги, корисниците редовно можат да добијат облека, храна и други материјални добра. Со бездомниците се работи на нивна успешна реинтеграција.
news_share_descriptionsubscription_contact


