Husameddin Gina
08 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонската фудбалска репрезентација утревечер на Националната арена „Филип Втори“ го игра својот втор меч во Лигата на нации, а прв како домаќин, јавува Anadolu Agency (AA).
Македонската фудбалска репрезентација по триумфот над Гибралтар на домашен терен го пречекува главниот ривал за првото место, репрезентацијата на Ерменија.
На прес-конференцијата, селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, истакна дека утрешниот дуел е од големо значење за националниот тим во Лигата на нации.
„Победникот во оваа Лига Д во нашата група ќе се бара меѓу нас и Ерменија. Мислам дека доволно добро ги анализиравме и потполно спремни ќе влеземе во мечот. Очекувам да забележиме позитивен резултат кој ќе ни даде предност пред реваншот во Ереван“, изјави Ангеловски.
- Поседуваме добар квалитет -
За капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, Македонија и Ерменија се двете најквалитетни репрезентации во групата.

„Овој меч е најважен во групата, нашата и нивната репрезентација се најквалитетни во групата. Како и за сите дуели, така и за овој, се спремаме максимално. Одиме да излеземе на теренот, без сомнение поседуваме еден добар квалитет, ако одиграме како што знаеме, ќе немаме проблеми“.
На мечот со Ерменија, Македонија против себе ќе има двајца добропознати фудбалери - Тигран Барсегјан, кој игра за Вардар, како и Хофханес Хамбарџумјан, кој претходно настапуваше за „црвено-црните“.
Македонија и Ерменија досега имаат одиграно шест официјални натпревари, четири меча во рамките на квалификациите за ЕП, додека два за квалификациите за СП. Интересно е што досегашниот биланс е сосема израмнет. И двете селекции имаат по две победи, две ремија и по два порази. Гол-разликата исто така е идентична, 11 постигнати и исто толку примени голови.