Admir Fazlagic
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на утрешното одбележување на 18 август – Денот на Армијата на Република Македонија, делегации од Владата, Собранието, Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ положија цвеќе пред споменикот на Партизанските гробишта, на вечните домови на поранешните претседатели и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, и на гробот на генерал Михајло Апостолски, јавува Anadolu Agency (AA).
Владината делегација ja предводeшe вицепремиерот Владимир Пешевски, а дел од делегацијата беше и министерот за економија, Дритон Кучи.
Предвидено е вечерва да се одржи традиционалната почесна артилериска стрелба со истрелување на десет плотуни од артилериски оружја на артилерискиот баталјон на АРМ во касарната „Илинден“.
Оваа година, Денот на АРМ ќе биде симболично одбележан поради трагичните настани со поплавите во скопскиот регион. Војниците на АРМ од саботата, кога се случи поплавата, постојано се на терен во населените места во скопскиот и во тетовскиот регион, каде што учествуваа во спасувањето и евакуацијата на населението, а подоцна и во справувањето со последиците од невремето.
Одлуката за симболично одбележување на Денот на АРМ беше донесена вчера, од страна на Министерството за одбрана.
Утре, пред Министерството за одбрана, во рамките на одбележувањето ќе бидат построени припадниците на АРМ и вработените во Министерството.
На 18 август 1943 година, на Славеј Планина, во областа Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев", кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ во Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.