Selen Temizer
15 Септември 2017•Ажурирај: 16 Септември 2017
АСТАНА (AA) - Учесниците на мировните преговори во Сирија денес постигнаа договор за границите на неконфликтите зони на подрачјето на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Во главниот град на Казахстан, Астана, вчера започна шестиот круг од мировните преговори за Сирија, а рускиот претставник Александар Леврентиев тогаш рече дека е многу близу до тоа да се постигне договор за прекин на огнот во четвртата неконфликтна зона.
На дводневното продолжение на преговорите присуствуваат делегации на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, вооружените бунтовнички групи и делегации на гарантите на мировниот процес, односно Турција, Русија и Иран.
Според информациите од присутни на состанокот, делегациите на земјите-гаранти за примирјето во Сирија, Турција, Русија и Иран, по дводневни преговори постигнаа договор за границите на четвртата неконфликтна зона на подрачјето на Идлиб.
Потврдено е, исто така, дека ќе бидат продолжени преговорите за тоа кои сили ќе бидат распоредени на подрачјето на Идлиб.
Овој договор би требало за кратко време да биде преточен и во декларација.
На преговорите во Астана, на почетокот од мај беше договорено да се воспостават четири неконфликтни зони во упориштата на најголемите судири во Сирија.
Во текот на јулскиот круг од преговорите договорено е да се формира заедничка работна група.
Со договор на Русија и САД, една од тие зони, онаа во Дераја и Кунејтра, прогласена е за сигурна зона и за тој регион се водат одделни преговори. Русија во јули испрати и полициски сили за да ја контролира имплементацијата на примирјето во тие региони.