Tufan Aktaş
09 Декември 2016•Ажурирај: 10 Декември 2016
АДИС АБЕБА (АА) - Турската фондација Маариф (ТФМ) потпиша договори во пет африкански земји кои се однесуваат на преземање надлежност над образовните иснтитуции поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
По преземањето контрола над училиштата во Сомалија и Гвинеја, турската фондација потпиша договори за преземање на училиштата на ФЕТО во Чад и во Судан. Исто така, процесот на преземање на училиштето во Сенегал е при крај.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за време на состанокот со претседателот на Бенин, Патрис Талон, исто така договори фондацијата да преземе контрола над три училишта на ФЕТО во оваа земја.
Така, фондацијата Маариф за кратко време ќе управува со вкупно 21 образовна институција, пет во Гвинеја, три во Чад, две во Сомалија и во Судан и шест во Сенегал. Се очекува да се потпише договорот за три училишта во Бенин.
Образовните институции поврзани со терористичката организација ФЕТО дејствуваат во 100 земји, а челниците на фондацијата Маариф во последните три месеци посетија 15 земји. По преземањето на училиштата во пет африкански земји, се очекува да бидат преземени и институциите во останатите 10 земји.
Фондацијата дејствува во Европа, Африка, Австралија и во Азија, а нејзината цел е во рок од една година да ги опфати сите 100 земји во кои дејствуваат училиштата поврзани со ФЕТО.
Инаку, турската фондација Маариф е основана летото 2016 година, а една од нејзините главни цели е основање образовни иституции и промоција на цивилизациските вредности во светот.
Терористичката организација ФЕТО, одговорна за низа обиди за нарушување на уставниот поредок во Турција, меѓу кои е и јулскиот обид за државен удар, најмногу преку образовниот систем дејствува во речиси 100 земји во светот.
За време на истрагата за 15 јули, голем број сведоци покајници, членови на терористичката органзизација ФЕТО предводена од Фетула Ѓулен, во обвинителствата ширум Турција укажаа на одговорноста на ФЕТО за обидот за пуч, но ја открија и структурата на таа терористичка организација на глобално ниво.
Турските власти ги предупредија сите партнерски земји за опасноста од таа терористичка организација.