СКОПЈЕ (АА) – АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Република Македонија (АОПЗ) е формирана со Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 % од населението на Република Македонија. Законот е донесен на 17 јули 2008 година.
Основна цел на Агенцијата за остварување на правата на заедниците е да овозможи поголема интеграција на припадниците на заедниците во сите сфери на општествениот живот, како рамноправни граѓани на земјата, но со зачувување на нивните етнички и културни особености.
Директорката на АОПЗ, Весна Бабиќ, во разговор за Anadolu Agency (AA) зборува за суштинската улога на АОПЗ во мултиетничкото општество во Македонија, кои се активностите што досега ги има спроведено оваа агенција во насока на заштита и унапредување на правата на заедниците, како и проблемите со кои се соочуваат овие заедници.
Во разговорот, Бабиќ истакнува дека Република Македонија е мултиетничка држава во која што покрај двете најголеми етнички заедници, македонската и албанската, околу 10 отсто од вкупното население се припадници на етничките заедници под 20 %, а тоа се конститутивните народи во земјата: Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите, и другите.
„Агенцијата е институција која ги следи остварувањата на правата, но и механизам кој мери колку и како се остваруваат овие права. Секоја година изготвуваме анализи за областите кои се приоритетни за заедниците, како што се културата, образованието, употребата на јазикот, соодветната застапеност и други. Кога зборуваме за остварување на овие права, можеме да забележиме нагорен тренд во овие области. Се надевам дека нашето постоење во голема мера придонесе да дојде до нови бројки во овие анализи, но се надеваме дека ќе имаме поголем степен на остварување на правата на заедниците“, вели директорката Бабиќ.
Таа истакнува дека уште од почетокот на работењето на АОПЗ, главни партнери се многубројните граѓански здруженија. Како што вели, приоритет на агенцијата е воспоставувањето дијалог со нив, за да се има увид во нивните барања, како и задоволство од мерките што ги спроведуваат институциите.
Според директорката Бабиќ, една од многуте поволности на заедниците кои се под 20 отсто во земјата, е принципот на соодветна и правична застапеност при вработувањата во државните институции.
„Почнувајќи од принципот на соодветна и правична застапеност, тој бележи зголемување на бројот на припадници на заедниците во институциите, во поголем број на централно ниво, и можеме да забележиме нагорен тренд. Речиси не постојат институции каде што нема вработено припадници на заедниците, што е големо значење за нив. Со тоа е отворен линк помеѓу заедниците и некоја институција“, истакнува Бабиќ според која, на овој начин се создава доверба меѓу граѓаните припадници на помалите заедници и институциите.
„Би требало да изготвиме механизам за мерење на задоволството за овој принцип за соодветна правична застапеност и да се мери и квалитетот и подобрувањето на животот на припадниците на заедниците“, додава Бабиќ.
Таа вели дека има подобрување на локално ниво кога е во прашање употребата на јазиците на заедниците.
„Согласно законите, заедниците кои се над 20 проценти во една општина имаат право на јазикот на таа заедница, а имаме и позитивни исчекори и во општините каде што не се застапени 20 проценти, па често се донесуваат одлуки во некои општини да ги употребуваат своите јазици“.
Бабиќ вели дека работејќи на теренот со различни активности, АОПЗ се труди колку што е можно повеќе да ги запознае заедниците со нивните права. „Се уверивме дека не се запознаени со сите свои права, особено во руралните средини каде што живеат помалкубројните заедници, особено за правото на образование на мајчин јазик, но и други права“, истакнува таа.
Работејќи на едукацијата на претставниците од граѓанскиот сектор на заедниците, АОПЗ во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје изготви Прирачник за обука за припадниците за правата на заедниците. Со помош на прирачникот, во невладините организации посебен кадар во рамките на здруженијата може да ги спроведува потребните обуки коишто се однесуваат на правата на заедниците. Меѓу активностите што АОПЗ ги спроведувала од нејзиното постоење досега, Бабиќ ги издвојува партиципативните форуми на заедниците.
„Досега одржавме голем број партиципативни форуми на кои се вклучени граѓански здруженија од една страна, од друга страна претставници на институциите преку кои тие ги остваруваат своите права. Ние тука ги презентираме сите свои инстражувања, а понатаму се дискутира за сите прашања и се донесуваат препораки кои се доставуваат до Владата на Република Македонија. При крај сме со анализите за оваа година. Во декември ќе се одржи форум на којшто ќе се презентираат сите анализи, но и заедниците да дадат свои препораки како понатаму“, наведува Бабиќ.
- Потребно е да се развие граѓанскиот сектор на заедниците
Работејќи на полето на остварување и заштита на правата на заедниците, АОПЗ е во блиска соработка со граѓанските здруженија што ги третираат овие теми. Притоа, АОПЗ идентификува неколку клучни проблеми со кои се соочуваат овие здруженија. „Поради тоа“, истакнува Бабиќ, „потребно е колку што е можно поактивно работење за подобрување на нивната состојба, со што и АОПЗ како институциија би имала поголема поддршка“.
„Тие треба да ни бидат ветер во грб, како некој мотор кој ќе нѐ активира и ќе ни помогне да ги лоцираме сите проблеми. Поголем број форуми беа посветени на оваа тема. Главни нивни проблеми се немањето соодветен простор, но тука се потребни дополнителни средства за комунални и патни трошоци. Невладиниот сектор не е доволно развиен и не е доволно конкурентен со поголемите невладини организации, кои добиваат поголеми грантови. Средствата ги добиваат од матичните држави, како српската или турската. Најмалите се снаоѓаат со членарини и донатори на локално ниво. За нивните програмски активности тие главно се финансирани од Министерството за култура, од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, додека на локално ниво има повеќе општини кои доделуваат средства, но тие не се доволни и не успеваат да ги реализираат своите програмски активности“, објаснува Бабиќ.
Таа истакнува дека овие граѓански организации сѐ уште немаат капацитети да аплицираат за големи грантови, што е нивен голем хендикеп.
„Ние даваме институционална поддршка за доделување грантови како ИПА 2015, каде што практично преку субгрантирање, овие најмали здруженија можат да аплицираат. Ние им помагаме, но и овие повици ги пренесуваме на нашиот сајт“, вели таа.
- Проблеми со изучувањето на мајчиниот јазик на припадниците на заедниците
Во контекст на подигнувањето на свеста за искористување на правата што им следуваат на заедниците, АОПЗ во соработка со другите државни институции и цивилниот сектор спроведе низа активности од кои се детектираа проблемите со кои се соочуваат заедниците, за што се изготвени соодветни препораки коишто се доставени до Владата на Република Македонија.
„Неколку години заедно со управата од Министерството за образование, на теренот спроведувавме кампања 'Искористи го своето право, образувај се на својот мајчин јазик'. Беа печатени флаери, правевме трибини во повеќе општини. Тука произлегоа некои отворени прашања на кои треба да се работи, а ние ги доставивме како препораки до Владата. Значи, имаме средини каде што заедниците не се доволно бројни, дисперзирани се, нема доволен број ученици за да може да формираат паралелки на својот мајчин јазик. Би рекла дека тука најголем проблем имаат турската и српската заедница, кои имаат редовна настава на мајчин јазик, а во некои средини се дисперзирани и немаат доволен број ученици за да отпочнат настава на својот мајчин јазик. Доколку би постоела можност, а не постои моментално, да имаат изборен предмет Јазик и култура на Турците, Јазик и култура на Србите, би можеле да го изучуваат својот јазик, бидејќи во такви средини се случува таквиот јазик да изумре“, нагласи директорката Бабиќ.
„Ние доставивме препораки до Владата, за овие заедници да можат да ги остварат своите права. Дисперзираноста е главен проблем. Затоа е потребна иницијатива од родителите, а за тоа треба и самите здруженија на заедниците заедно со нас, од институциите, заедно во својата заедница да делуваат и да се укаже за значењето на изучувањето на својот мајчин јазик“, рече Бабиќ објаснуваќи ги проблемите со кои се соочуваат заедниците при остварувањето на правото на изучување на мајчиниот јазик на заедниците.
- Охридски рамковен договор: Подобрувањето на условите за живот ќе придонесе за подобрување на меѓуетничките односи
„Во однос на унапредувањата на правата на заедниците, поделени се мислењата околу влијанието на Охридскиот рамковен договор“, вели Бабиќ, но уверува дека овој договор има значителен придонес во севкупната мултиетничка клима во Македонија.
„Мое лично мислење и на поголем број на заедниците е дека Охридскиот рамковен договор е многу значаен за зачувување на мирот во Република Македонија, меѓуетничките односи и напредување во сите сфери. Често ќе слушнеме дека заедниците само седнаа во тој воз, не учествуваа во конфликтот и дека на тацна добиле права, но сметам дека постојат големи придобивки од Охридскиот рамковен договор. Од 2001 до денес се случија многу работи. Од година во година, имаме сѐ порелаксирани меѓуетнички односи, соживот меѓу заедниците“, смета Бабиќ. Нејзиниот став е дека со заложбите на Владата се подобруваат сегментите во различните сфери на живеење, што на подолг рок ќе придонесе фокусот повеќе да биде ставен на другите работи, а остварувањето на правата на заедниците ќе биде негувано преку културните манифестации.Во разговорот, Бабиќ потсетува дека минатата година е направена ревизија на Охридскиот рамковен договор, каде што како институција учествуваше и АОПЗ.
„Беше направена анализа за сите области, препораки, и ние дадовме свои препораки кои не се совпаѓаат со сите препораки на Охридскиот рамковен договор. Ние, практично, како заедници под 20 отсто баравме понатамошно подобрување во сите области: да се продолжи со принципот на соодветна и правична застапеност, да се даде можност и за редовно изучување на изборен предмет на јазик на заедниците, да се подобрат состојбите со информирање на заедниците, подобрување на техничките капацитети, вршење обуки. Имаше и интересно барање, а тоа е да им се даде посебен статус на граѓанските здруженија и НВО коишто се занимаваат со правата на припадниците на заедниците, да не бидат во ист кош со другите, туку да имаат посебно внимание од страна на државата“, вели Бабиќ.
Говорејќи на оваа тема, таа вели дека здруженијата често се споредуваат со оние во Србија и во Хрватска, каде што има национални совети на заедниците коишто на организиран начин ги претставуваат немнозинските етнички заедници и работат во сферата на остварувањето на нивните права.
Таа смета дека во изминатите години се направени значителни подобрувања на состојбите на заедниците.
„Во Република Македонија се направија многу работи за заедниците. До 2007, преку Секретаријатот за Рамковен на прсти можеа да се избројат вработените од заедниците. Од 2008 и 2009, се вработија значителен број припадници на заедниците, беа донесени закони за празници на заедниците, имаме финансирање на проекти преку Министерството за култура, преку Секретаријатот за Рамковен договор. Средствата се околу 10-12 милиони денари, што не се големи средства коишто може да направат некое големо влијание, но тие стануваат значаен чинител во општеството, тие се поприсутни, го нема повеќе тој страв за изразување на етничката припадност, слободно се одбележуваат значајни настани“, наведува Бабиќ, правејќи пресек на состојбите на заедниците од пред една деценија и сега.
- Потребно е заедниците да добијат загарантирани места во Парламентот
Како што се приближува одржувањето на предвремените парламентарни избори, се актуелизира и прашањето околу изборниот модел и политичкото претставување на заедниците. Ставовите се различни, а еден од оние за кои сѐ почесто може да се слушне во јавноста е една изборна едниница или пак загарантирани листи за припадниците на заедниците. Бабиќ укажува и на овој проблем на немнозинските етнички заедници.
„Мојот личен став и ставот на најголем број од заедниците е дека со самиот изборен модел се губат гласовите на малите заедници и дека една изборна единица би одела во прилог на заедниците. Исто така, во последно врмеме се слуша дека треба нешто да се направи во однос на тоа прашање, кое треба да го отворат и пратениците на заедниците што се во Собранието. Заедниците да добијат загарантирани места, да не мора секогаш да бидат дел од коалиција, бидејќи тоа е единствениот начин да бидат дел од политичкиот живот во Република Македонија. Поради дисперзираноста, не може да се има големи резултати. Заедниците често ги посочуваат примерите каде што постојат загарантирани места. Можеби самиот изборен законик ќе претрпи промени за да имаат поголемо влијание“, објаснува Бабиќ.
- Прашањето на Торбешите
Кога се зборува за правата за немнозинските заедници, неретко реагираат припадниците на заедницата на Торбешите, кои бараат да бидат дел од преамбулата на Уставот на Република Македонија, со што би можеле да ги остварат своите права како посебна етничка заедница. И оваа заедница учествуваше во активносите организирани од АОПЗ.
„Ние сме отворени за сите заедници, никој не е исклучен. Една од заедниците која беше вклучена во Партиципативниот форум беше торбешката, но и други заедници кои пројавија желба да се смени нешто, да бидат споменати во Уставот на Република Македонија и сметаат дека се дискриминирани. Но торбешката заедница имаше свој претставник во Собранието на Република Македонија, не слушнав дека имаше иницијатива. Ние препораките ги доставуваме до Владата, но сепак, заедниците треба да делуваат преку своите пратеници во Собранието. Ние ги поддржуваме заедниците и ние сме тие кои ги проследуваат до надлежните институции“, вели Бабиќ.
- Влијанието на Пописот на населението за остварување на правата на заедниците
Иако во основа е статистичка операција, сепак поради политичките влијанија, пописот на населението често добива и сосема друга конотација. Пописот на населенито и домаќиствата во 2011 година не се спроведе до крај, а требаше да ја прикаже бројната состојба на населението. Во однос на ова, Бабиќ вели дека заедниците речиси секогаш сметаат дека ги има повеќе отколку што се регистрирани на попис. Таа напоменува и дека АОПЗ спровела повеќе кампањи во врска со пописот.
„Агенцијата, Државната пописна комисија и Државниот завод за статистика заедно организираа кампања и бевме на теренот, каде што живеат заедниците, за да ги запознаеме со нивните права. За жал, оваа кампања беше прекината. Сите заедници кои се под 20 отсто ќе ги слушнете дека се во поголем број отколку што се прикажани во ДЗС. Овие најмали заедници веруваат дека со пописот ќе се исправи таа неправда и дека ќе бидат во многу поголем број, со што ќе се создаде клима да не бидат заборавени, особено овие заедници што сакаат да влезат во преамбулата“,вели Бабиќ. Таа додава дека од бројноста на заедниците зависи и бројот на вработувањата во државните институции. Затоа, како што вели, биле големи очекувањата на најмалите заедници, бидејќи сметаат дека со пописот на некој начин ќе се открие дека се во многу поголем број, со што ќе можат да ги остварат своите права.
- Соработка со турските организации
Говорејќи за соработката со турските организации и институции, Бабиќ ги споменува состаноците со ТИКА, а Сојузот на невладини турски организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, е член на Партиципативниот форум на заедниците, каде што се разговара за правата на заедниците.
„Често ни доаѓаат посети од Република Турција. Заедно со невладиниот сектор, успеавме околу 20 деца од различни етнички заедници да ги испратиме во Мерсин, на практична обука во разни фабрики, институции. Агенцијата даде поддршка за овој проект. Би сакала да изразам благодарност за тоа и мислам дека ваквите проекти се од големо значење за запознавање на културата на Република Турција, но и за стекнување практично знаење. Ние би сакале да воспоставиме многу поблиска соработка со ТИКА. Тие издвојуваат значајни средства за Република Македонија, и тоа е за голема почит“, истакнува Бабиќ.
- Заедниците во Македонија се врзивно ткиво на мултиетничкото општество
Говорејќи од позиција на директор на АОПЗ, но и како припадник на малцинска етничка заедница, таа во својата порака вели дека заедниците се врзивно ткиво на македонското мултиетничко општество.
„Да бидеш малцинство, не значи дека треба да си мал, да си помалку слушнат. Оние што се поголеми треба да имаат почитување, разбирање и подадена рака кон послабиот. Заедниците треба и понатаму да имаат една клима на разбирање, постојан дијалог за своите потреби и заедно да живеееме во едно општество кое е традиционално. Секогаш заедниците да живеат сложно. Можеби некои политички случувања не ни одеа во прилог, но сметам дека иднината ќе биде светла за сите нас. Заедниците во Република Македонија се врзивното ткиво кои ги спојува големите заедници да останат заедно и да ја сочуваат Република Македонија“.
news_share_descriptionsubscription_contact


