АНКАРА (АА) – Вицепремиерот на Турција, Бекир Боздаг, денес беше гостин на уредничкиот колегиум на Anadolu Agency (АА) во Анкара, каде што одговараше на прашања на новинарите и уредниците на АА, осврнувајќи се на актуелните случувања.
- „Изберете го вистинскиот патоказ“ -
Вицепремиерот на Турција и портпарол на турската Влада, Бекир Боздаг, изјави: „Доколку портпаролката на Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД) прави процена на нештата само според она што ѝ е пренесено, без да ги прочита образложенијата од страна на турската Влада, тогаш излегува дека зборува глупости и самата себеси би се довела во комична ситуација. За неа кај нас има една народна поговорка која вели: Секој треба добро да си го избере својот патоказ. Тоа значи дека доколку чавката е вашиот водич и патоказ, тогаш ќе имате проблеми. Затоа, мојот предлог до почитуваната портпаролка е добро да си го избере својот патоказ“.
- „Терористичката организација ПКК е возменирена од оружените беспилотни летала“ -
Во рамките на борбата против тероризмот, вицепремиерот Боздаг истакна дека во ниту еден дел од светот, од терористот не се бараат документи за идентификација, „Зарем постои метод во борбата против тероризмот кон оние што вршат терористички активности, ги напаѓаат војската, полицијата, цивилното население, кон нив да се обраќаат со зборовите: ’Застанете, ќе може ли да ги погледнеме вашите документи? Против тебе ќе се борам на овој начин‘? Нема такво нешто. Нашите безбедносни сили се одлучни на ефикасен начин да се борат против тероризмот. Како што тоа го правеше во периодот на рововскиот тероризам на терористичката организација ПКК, изјавата на Републиканската народна партија (ЏХП) дека ’Турските безбедносни сили убиваат цивилно население‘ значи давање поддршка за ПКК. За жал, тоа ќе биде користено и на меѓународно ниво, бидејќи во претходниот период, иако неутрализираните терористи на ПКК имаа оружје во рацете, во Европа и на други места тие беа прикажувани како цивили. Сега, неутрализирањето на терористите со оружени беспилотни летала се прикажува како ’пукање во цивили‘“.
Вицепремиерот Боздаг истакна дека со оружените беспилоти летала е нанесен голем удар на терористичката организација ПКК и додаде: „Оружените беспилотни летала неутрализираа многу голем број терористи. Тие им обезбедија многу голема поддршка на нашите безбедносни сили. Најважно е што овие летала се од домашно производство. ПКК е вознемирена од оружените беспилотни летала бидејќи овие летала лесно ги пронаоѓаат и ги неутрализираат. Вознемирени се и круговите што им даваат поддршка на ПКК, бидејќи со овие летала се крши структурата на ПКК. Вознемирени од оружените беспилотни летала можат да бидат и земјите, надворешни сили и меѓународни организации, непријатели на Турција, бидејќи со овие летата е засилена борбата на Турција против тероризмот. Во ред, но зошто ЏХП е вознемирена од овие летала? Зарем постои опозиција која би била вознемирена затоа што благодарение на овие летала се урива структурата на ПКК? За жал, постои“.
- Дебата за предвремени избори -
Околу дискусиите за предвремени избори, вицепремиерот Боздаг рече: „Постојат очекувања од страна на опозицијата, но предвремени избори не се тема на разговор. Како што знаете, од доаѓањето на АК Партијата на власт, изборите се одвиваат во редовни термини, освен оние во 2007 година, кога беа направени неколку месеци порано. Бидејќи редовното одржување на изборите кај нас стана традиција, изборите ќе се одржат во закажаниот термин, на 3 ноември 2019 година“.
- Околу дискусиите за референдумот на Ирачката курдска регионална влада -
Потсетувајќи дека Ирачката курдска регионална влада објави оти на 25 септември ќе одржи „референдум за независност“ и покрај тоа што ирачкиот Парламент го одби, а премиерот на Ирак, Хајдар ал-Абади изјави дека референдумот нема да биде признаен, вицепремиерот Боздаг изјави дека е многу јасен ставот на Турција по ова прашање.
Боздаг истакна дека постојат одредени недоразбирања меѓу централната ирачка власт и Регионалната влада на северен Ирак. „Ставот на Турција е сосема јасен. Свесни сме за проблемите меѓу централната ирачка власт и курдската регионална власт на северот од Ирак. Им предложивме проблемите да ги решат со дијалог и договор. Во тој контекст, Турција понуди секаков вид помош. Се надеваме дека ќе биде пронајдено решение за кризата“, додаде тој.
Вицепремиерот истакна дека во северниот дел на Ирак не живеат само поддржувачи на политичката опција на Барзани, туку во тоа подрачје живеат и Туркмени, Арапи и членови на различни етнички и верски групи.
„За важните прашања, како референдум, сите заедно треба да донесат одлука, тоа не е исклучително право само на Месут Барзани. Ирак има Устав, а Турција секогаш ќе го поддржува територијалниот интегритет и суверенитетот на Ирак, и смета дека во земјата треба да се спроведат политики што се темелат на политичко единство“, рече Боздаг.
Боздаг истакна дека Туркмените и Арапите донеле одлука да не учествуваат на референдумот што го организира ирачката курдска регионална влада. Меѓународната заедница и соседните земји, освен Израел, сметаат дека овој референдум е погрешен чекор, дека не е потребно тој да се спроведе во оваа средина, бидејќи би можел да ги наруши мирот во регионот, стабилноста и благосостојбата.
- Опремување со рускиот ракетен систем S-400 -
Осврнувајќи се на постигнатиот договор на Турција за снабдување со рускиот ракетен систем S-400, Боздаг рече дека Турција не е земја без алтернативи во секој поглед и оти не мора да се снабдува со оружје само од една страна.
„Затоа започнавме преговори со соседна Русија. Договорот за системот S-400 е потпишан и платен е аванс. Следува продолжување на процесот. Тоа е голем чекор, вклучувајќи го и преносот на технологијата. Тоа го сметаме за потег од аспект на безбедност. Се разбира дека сме членка на НАТО и во процесот водиме сметка за усогласување на потезите“, рече Боздаг.
- „Турција и нејзиниот претседател, главна предизборна тема на политичарите во Европа“ -
Осврнувајќи се на односите на Турција со европските земји, Боздаг рече дека оваа година во Германија, Франција, Холандија и во Австрија, главна предизборна тема на политичарите во тие земји се Турција и нејзиниот претседател.
„Сето тоа многу му им наштетува на нашите односи и на нашите државјани што живеат таму. Нам тоа ни е јасно, но чекаме да видиме како ќе одговорат на очекувањата на своите избирачи кога се во прашање внатрешните проблеми. Нека зборуваат повеќе за меѓународните проблеми. Се надевам дека по изборите во тие земји, ќе се смират страстите и ќе се нормализираат нашите односи“, рече Боздаг.
Коментирајќи ја работата на правосудниот систем во Турција, Боздаг изјави дека тие институции застанале на нозе по нивното чистење од предавничките и терористички елементи на ФЕТО и оти ги водат најголемите правосудни процеси во историјата на Турција.
Тој нагласи дека турското правосудство ја одбранило својата независност и објективност, и оти тоа повеќе не е инструмент во рацете на која било политичка партија или терористи на ФЕТО.