?????
05 Ноември 2015•Ажурирај: 06 Ноември 2015
Командантот на руските воздушни сили генерал Виктор Бондарев соопшти дека воен авион на Русија го наруши воздушниот простор на Турција на 3 октомври, при маневар за избегнување евентуално делување на противвоздушен ракетен систем кој го детектирал, јавува Anadolu Agency (АА).
„Авионот по завршувањето на задачата на северот на Сирија при облачни временски услови при летот во близина на турскиот воздушен простор бил детектиран со радарскиот систем на нишанење на системот за противвоздушно делување. Тоа беше причината, со неколку маневри на избегнување, накратко, леталото да го повреди турскиот воздушен простор. Тоа јасно го прифативме“, рече Бондарев за руските медиуми.
Руски ловец бомбардер „су-30“ влезе во турскиот воздушен простор на 3 октомври, после што Турција побара од Русија да не повторува слични повреди на нејзиниот воздушен простор, бидејќи во спротивно ќе биде одговорна за последиците.
Претходно гласноговорникот на Министерството за одбрана на Русија, Игор Конашенков, кажа дека руски авион го нарушил турскиот воздушен простор поради „неповолните временски услови“. Русија изведува воздушни напади во Сирија од 30-ти септември.