Munira Abdelmenan Awel
31 Декември 2018•Ажурирај: 01 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - „Околу 94 новинари и медиумски работници се убиени во текот на 2018 година додека ги извршувале своите работни задачи“, соопшти Меѓународната федерација на новинари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во новиот извештај на Федерацијата со седиште во Брисел којшто е објавен денес, се истакнува дека 84 новинари, камермани и техничари ги изгубиле своите животи во убиства, бомбашки напади и при вкрстен оган.
Десет медиумски работници ги загубиле своите животи додека извршувале работни задачи како возачи, безбедносни службеници и асистенти за продажба. Од вкупниот број жртви, 6 се жени.
Меѓународната федерација на новинари нагласува дека бројките за 2018 година покажуваат благ пораст во однос на 2017 година, кога имало 82 лица што ги загубиле своите животи, и покажуваат нагорен тренд од последните три години.
Федерацијата го потенцира убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“ и саудиски државјанин, Џамал Кашоги, во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Филип Лерут, претседателот на Меѓународната федерација на новинари, ја истакна загриженоста во врска со повредите извршени кон новинарите. „Меѓународната федерација на новинари бара од земјите членки на Обединетите нации да ја усвојат на Генералното собрание Конвенцијата за безбедност и заштита на новинарите, што им ја претставивме на дипломатските мисии на ОН во Њујорк минатиот октомври“.
Генералниот секретар на Федерацијата, Ентони Беланџер, од своја страна, рече: „Бројките на оваа листа се тажен потсетник дека безбедноста на новинарите ќе остане недостижна сè додека земјите ги воздигнуваат институциите кои треба да го спроведуваат законот, но се парализирани од корупција и некомпетентност.“
Во земјите како Авганистан, Сирија и Јемен, повеќето новинари ги загубија животите во вооружените конфликти и насилствата извршени од милитантите, додека во Ирак минатата година имаше мало намалување на насилствата врз новинарите, по расчистувањето на вооружените групи во земјата.
Индија, Пакистан и Филипините покажале нетолеранција во однос на независното известување во текот на годината, додека во Мексико се регистрирани и организирани злосторства против новинари.
Податоците на Меѓународната федерација на новинари за 2018 година покажуваат дека Азија и Пацификот имаат највисока бројка на убиени новинари, 32, а потоа следува Америка со 27. На Блискиот Исток и во арапскиот свет 20 новинари го загубиле својот живот, во Африка 11 новинари, додека во Европа е регистриран најмал број, само 4.