Şenhan Bolelli
01 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Октомври 2017
ЏИРОНА (АА) - При интервенција на шпанската полиција и жандармеријата поради референдумот за независност на Каталонија кој се одржува денес, а кого шпанската власт го смета за неуставен, повредени се најмалку 38 лица, од кои три потешко, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицијата и понатаму го блокира пристапот до одредени гласачки места и врши заплена на илегалните гласачки ливчиња и кутии. Доаѓа до повремени судири меѓу припадниците на безбедносните сили и поддржувачите на независноста.
Каталонскиот центар за вонредни состојби преку социјалните мрежи соопшти дека досега во интервенциите се повредени најмалку 38 лица, и дека девет од нив се пренесени во медицинските центри, додека на останатите им е укажана помош на терен.
Претседателот на шпанската покраина на Каталонија, Карлес Пучдемон, по интервенцијата на полицијата го посети гласачкото место Сан Џулија де Рамис во градот Џирона.
Поддржувачите на независноста го дочекаа Пучдемон со голем аплауз, а тој потсети дека против Каталонците кои дошле да гласаат биле користени палки, небоева муниција и насилство.
Тој додаде дека процесот на гласање трае.
Илјадници граѓани на Каталонија и покрај дождот и наредбата од полицијата да ги напуштат гласачките места, од рано утринава стојат во редовите за да гласааат на референдумот за независност на регионот, кој централната шпанска власт го смета за неуставен.
Полицајците во одредени подрачја испукаа куршуми обидувајќи се да ги оддалечат демонстрантите кои сакаа да ги спречат полициските возила со запленетиот гласачки материјал да се оддалечат од гласачкото место.