Sarp Özer
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Командантот на американскиот носач на авиони „УСС Џорџ Х. В. Буш“, генерал Кенет Вајтсел изјави дека Турција е многу важен сојузник на САД, и дека без неа не би било возможно да се води борбата против терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерската екипа на АА ја посети палубата на носачот на авиони на американската војска, кој се наоѓа во Средоземното Море, а поради својата големина често се нарекува и пловечки остров.
Командантот Вајтсел наведе дека бродот е ангажиран 24 часа на ден за потребите на воздушните напади врз позициите на терористите на ДЕАШ во северниот дел на Сирија и Ирак.
Осврнувајќи се на улогата на Турција во операциите за борба против ДЕАШ, Вајтсел рече дека нејзината помош е од клучно значење и дека тоа особено се однесува на помошта од базата „Инџирлик“, од каде што полетуваат авиотанкерите за дотур на гориво на американските авиони во воздух.
„Оваа база за нас е многу важна. Турција досега секогаш помагаше и вршеше контрола на нашите летови во својот воздушен простор. Кога некој авиотанкер не може да полета, турските контролори ни дозволуваат да слетаме во базата за дотур на гориво“, рече Вајтсел.
Вајтсел истакнува дека САД и Турција се сојузници во НАТО, дека во коалиција и во борбата против ДЕАШ, и тврди дека таа борба не може да се замисли без Турција и дека на Турција мора да ѝ се верува.
На прашањето од новинарот на АА, за тоа дали американскиот носач во Средоземното Море се сретнал со некои други бродови, Вајтсел вели дека секогаш во близина на „пловечкиот остров“ како сенка се наоѓа еден руски брод.
Сепак, тоа следење се спроведува во рамките на професионалните и рутински задачи и моментално немаме проблеми со среќавањето со други бродови во Средоземното Море“, рече Вајтсел.
И офицерот Вил Пенингтон за АА рече дека носачот на авиони е ангажиран во операцијата за борба против ДЕАШ и дека задачите се извршуваат по наредба на командата.
Американски носач „УСС Џорџ Х. В. Буш“ е брод на американската морнарица од последната серија „Нимиц“ и се движи на погон од нуклеарна енергија со која го снабдуваат два реактора. Носачот развива брзина од 30 милји на час, а реакторите може да работат 20 години без дополнување на гориво.
Должината на бродот одговара на должината на зградата „Импаер стејт“, а на бродот има писта којашто може да прими 80 воени авиони. Со бродот управува екипаж од околу 5.000 луѓе, а со себе носат резерви на храна доволна за тримесечна пловидба. Бродот е опремен и со филтри на морска вода, кои го снабдуваат екипажот со вода за пиење. На бродот се наоѓаат и над 1.400 телефони.
Американската морнарица тој носач на авиони го користи од 2009 година, а на него се распоредени бомбардери коишто делуваат во сите временски услови, како што се „Ф/А-18 Супер хорнет“, „Ф/А-18 Хорнет“, „EA-18Г Гровлер“ и хеликоптерите „Сихок“. На палубата е и извидувачот „Е-2Ц“ и транспортниот авион „Ц-2А грејхоунд“.
Авионите со брзина од 250 километри на час слетуваат на палубата на бродот, и мораат да запрат на пистата долга само 120 метри, а во тоа им помагаат челични јажиња коишто служат како сопирачки. За полетување од кратката писта авионите користат слични јажиња коишто се врзани за носот на леталото, а дејствуваат како катапулт и авионите за две секунди развиваат брзина до 300 километри на час.
Војниците на пистата водат грижа сите полетувања и слетувања на авионите да бидат без грешка, а различните бои на униформите овозможуваат полесно да се распознава персоналот за одредени задачи на пистата.
Бели униформи носат војниците што даваат сигнал за слетување, безбедносниот и медицинскиот персонал, додека црвена униформа носат војниците задолжени за оружје. Виолетова униформа носат војниците одговорни за полнење гориво во воздухопловите, а во сино се облечени возачите на помошните возила на пистата. Оние што даваат правец за авионите на пистата носат жолта униформа, а пилотите носат беж униформи.