Emre Aytekin
24 Ноември 2016•Ажурирај: 25 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Интензивираното насилство во подрачјето на покраината Аракан, во Мјанмар, доведе до голема бегалска криза, така што десетици илјади аракански муслимани беа принудени да ги напуштат своите домови и да пронајдат спас во соседен Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Обединетите нации (ОН), околу 30.000 лица ги напуштија своите домови поради насилства и судири на тоа подрачје. Властите на Бангладеш ги зајакнаа граничните контроли.
Од Министерството за надворешни работи на Бангладеш беше соопштено дека и покрај напорите на граничната полиција, илјадници несреќни граѓани на Мјанмар, меѓу кои најмногу жени, деца и стари лица, преминале во Бангладеш.
Поради насилствата на основа на верска и етничка припадност, муслиманите од Мјанмар го оставаат својот имот и масовно бегаат во соседен Бангладеш, каде што се сместуваат во бегалските кампови.
Активистите на Аракан наведуваат дека војската спроведува масакри над цивилите, ги силува жените и ги ограбува куќите.