Ekipa
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - „Без разлика дали тоа им се допаѓа на некои или не, Турција ќе биде сè посилна и посилна“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Истанбул, за време на обраќањето на завршната церемонија на Меѓународните студентски средби, кои во Истанбул ги организираше Федерацијата на меѓународни студентски здруженија (UDEF), јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за студентите од странство кои стекнуваат образование на универзитетите во Турција, Ердоган истакна дека во земјата, моментално, на различни студии престојуваат 115.000 студенти од странство, и дека целта е да се оствари број од 350.000 студенти.
„Наша цел е да влеземе меѓу првите пет земји со најголем број угостени студенти“, изјави Ердоган. Тој додаде дека се преземени неопходни превентивни мерки од самото прифаќање на студентите, процесот на студирање, па до дипломирањето, за студентите да не бидат искористувани од страна на терористичката организација ФЕТО, која, како што истакна, претставува непријател на исламот и на Турција.
„Албанија, за жал е под своевидна инвазија на терористичката организација ФЕТО. Секако ние ги продолжуваме разговорите. Порано или подоцна ќе го уништиме тоа движење. Секој ден напредуваме, нашата Фондација „Маариф“ во Албанија го продолжува процесот на преземање контрола врз тамошните образовни установи“, изјави Ердоган.
Коментирајќи ги ставовите на Франција кон Турција, тој изјави дека без разлика дали тоа ѝ се допаѓа на Франција или не, земјата ќе биде уште посилна.
„Можете да го забележите она што (Франција) го прави во последно време против Турција. Доколку ви пречи тоа што Турција е сè посилна и посилна, сакале вие или не, ние ќе бидеме сè посилни“, порача Ердоган.
Ердоган изнесе и критики на сметка на Советот за безбедност на ОН.
„Ние сега им порачуваме на 196 земји: 'Зарем вие немате право да бидете постојани членки на Советот за безбедност на ОН?' Пет постојани членки, 15 привремени и 20 членки. Нека сите овие 20 членки бидат постојани и нека одат со ротирачки систем. Нека сите овие 20 членки бидат членки на Советот за безбедност на ОН. На тој начин ќе живее членството на сите 196 членки во Советот за безбедност“, изјави Ердоган.
Нагласувајќи дека моментално во Советот за безбедност на ОН нема ниту една земја со муслиманско население, Ердоган продолжи: „Како е тоа можно? Ние сакаме правда. Советот на ОН е формиран за воспоставување правда, но дали ние моментално имаме еден таков пристап? Немаме. Ние ќе продолжиме тоа да го бараме. Ние бараме правда за човештвото. Порано или подоцна ќе успееме во тоа. Можеби не веднаш, но еден ден сигурно ќе биде одговорено на барањата за правда на сите угнетени во светот.“