Sevil Çelik
18 Март 2018•Ажурирај: 18 Март 2018
ЧАНАКАЛЕ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турските вооружени сили и Слободната сириска војска, утринава во 8.30 часот по локално време, во целост ја презеле контролата врз центарот на градот Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, во рамките на одбележувањето на 103-годишнината од поморската битка и победата во Чанакале, изјави дека повеќето од терористите избегале со „свиткан опаш“.
„Во центарот на Африн веќе не се виорат симболите на терористичките организации, туку симболите на мирот и безбедноста. Во моментов, таму се виори турското знаме и знамето на Слободната сириска војска“, рече Ердоган.
Освен на членовите на ТСК и на ССА, Ердоган му се заблагодари и на турскиот народ, кој од самиот почеток ја поддржа акцијата „Маслинова гранка“, која започна на 20 јануари, но исто така му се заблагодари и на народот во Сирија.
Тој посочи дека со оваа операција, Турција уште еднаш му покажа на целиот свет дека е на страната на оние кои се во право, но и угнетени.
Тој додаде дека она што претходно било направено во Џараблус, Раџу, Ел-Баб и Азаз, ќе биде направено и во Африн и во неговата околина.
„Во Џарабулус се вратија 140.000 луѓе. Сега и нашите браќа од Африн ќе се вратат во своите домови“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека, при бришењето на трагите на терористите, во исто време, ќе бидат преземени сите чекори за изградба на инфраструктура за да се направи оваа област погодна за живот.
Додаде дека во најкус можен рок ќе бидат преземени сите чекори за да можат Сиријците да се вратат во своите домови.
„Оваа заедничка победа на Турција и турскиот народ, на Сирија и Сиријците, е најдобар одговор на сите оние, кои се обидуваат да го затрујат нашето долго братство и терористичките организации сакаат да ги стават како ножеви меѓу нас“, рече Ердоган.