Ivana Ramadanova
23 Септември 2016•Ажурирај: 24 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Адвокатската комора на Македонија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите започнаа проект за практична обука на адвокатите за новиот Закон за кривична постапка и за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски, целта на проектот е развивање на вештините на адвокатите во однос на клучните карактеристики на двата закона, со акцент на тоа дека постигнувањето на оваа цел ќе биде возможно единствено преку континуирана едукација на адвокатите за одбраната и лоцирање на областите коишто се сметаат за слабост на овие нови закони.
„Поддршката на страната на одбраната на бранителите во постапките како сигурен гарант за обезбедување правични судења и балансирана позиција на клиентите во постапката, и како заштитници на владеењето на правото, и натаму ќе биде во фокусот на интересот на сите наши пријатели кои помагаат владеењето на правото да завладее во Македонија и во регионот. Овде не е фокусот да се унапредува само знаењето кај судиите и обвинителите, за мене уште поважно е да се унапредува знаењето кај одбраната. Со тоа ќе се обезбеди правично судење и фер позиција на обвинетите во постапката“, истакна Додевски.
На конференцијата се обрати и правниот советник на Бирото на Стејт департментот за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот, Ајрин Ф. Мар, која истакна дека со зајакнувањето на уставната улога на адвокатурата преку професионална и добро организирана Адвокатска комора, ќе придонесе за зајакнување на демократијата, владеење на правото и заштита на човековите права.
„Амбасадата на САД е посветена на развој на владеењето на правото во Македонија. Нашата поддршка за обука на новиот ЗКП и Законот за одредување на видот и висината на кривичната санкција, претставува гласна поддршка за експертите и практичарите од оваа област, со цел Македонија да ја одржувате на патот на правдата и да промовирате култура на добро управување и почитување на човековите права и слободи“, рече Мар.
Во рамките на проектот ќе бидат реализирани повеќе обуки и тркалезни маси со особен акцент на учење на практичните вештини што ќе се спроведуваат од страна на домашни и странски експерти. Обуките ќе бидат отворени и бесплатни за сите заинтересирани адвокати. Предвидено е на една обука да земат учество ограничен број адвокати, со цел на секој учесник да му се даде можност да ја вежба секоја вештина одделно.
Проектот е во соработка и со финансиска поддршка на амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.