Fatih Hafız Mehmet
03 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
СЈАМЕН (AA) – Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, денес порача дека сите земји мора да се вклучат во одлучната борба против сите видови тероризам кои претставуваат закана за глобалниот мир, јавува Anadolu Agency (AA).
Во југоисточниот кинески град Сјамен се одржува Самитот на БРИКС, организација која ги обединува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, а пред учесниците им се обрати кинескиот претседател Си.
„Главни теми на самитот се борбата против тероризмот и кибер криминалот. Терористите нема да имаат каде да се сокријат ако се бориме против последиците и против коренот на тој проблем“, порача Си.
Првиот човек на Кина исто така порача дека мора да се почитуваат одредбите од Повелбата на ОН, да се штитат основните норми во меѓународните односи и да се спротистават на политиките на моќта и хегемонијата на меѓународната сцена.
Иако другите членови се против таа идеја, Си изјави дека би било добро за БРИКС да се прошири на уште некои земји.
БРИКС е организација која ги обединува земјите со брзо растечки економии, со популација од три милијарди луѓе, а уште некои од темите од деветиот самит на таа група се и плановите за раст на глобалната економија, развојот на трговијата и соработката на полето на инвестициите, финансиите и комуникациите.