Admir Fazlagic
19 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најстудено изутринава е во Маврово, каде што се измерени -6 степени, -4 степени се измерени во Лазарополе, Ѓуриште, Дебар, Пожаране, Крушево, -3 во Тополчани, Крива Паланка, Берово и во Претор, -2 во Прилеп, Куманово, Тетово и во Скопје, -1 во Виница, 0 во Струмица, Битола, Демир Капија, Гевгелија, Охрид и во Штип и 1 степен во Дојран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Највисока снежна покривка од 85 сантиметри, изутринава во седум часот е измерена во Маврово, 62 во Лазарополе, 61 во Пожаране, 43 во Ѓуриште, 41 во Крушево, 38 во Тетово, 31 во Берово, 30 во Демир Капија, 25 во Дебар и Тополчани, 22 во Скопје, 20 во Куманово, 16 во Струмица, 14 во Крива Паланка, 13 во Претор, 11 во Прилеп, 8 во Штип, 4 во Виница и 2 сантиметри во Охрид.
Како што информира УХМР, денеска времето ќе биде претежно облачно, со појава на магла во Струмичко и повремени слаби до умерени врнежи од снег, особено во источните и јужните делови. На север и на повисоките места дува поинтензивен ветер од северен правец.
Температурата денеска ќе се движи во интервал од -2 до 2 степени. Во главниот град на Македонија, во Скопје времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од снег, кои од пладневните часови ќе престанат, а ќе дува и слаб до умерен, претежно северен ветер. Температурата денеска ќе биде до 0 степени.
Утре и за време на викендот времето ќе биде стабилно, со сѐ повеќе сончеви периоди, но и сѐ пониски утрински температури. За време на викендот, утринската температура ќе биде во интервал од -12 до -5, а наутро понекаде во долините ќе има и услови за појава на краткотрајна магла.
- Сообраќајот на патиштата се одвива отежнато
Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози, со остатоци од кашест снег по интервенцијата на дежурните екипи од „Македонија пат“. Снег со слаб интензитет паѓа во целата држава.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
Авто-мото сојузот на Македонија препорачува внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.