Ivana Ramadanova
24 Јуни 2016•Ажурирај: 25 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа конференција за социјални претпријатија на која беа презентирани резултати и наоди од истражувањата „Можностите и предизвиците на социјалните претпријатија за вработување на маргинализирани групи“, јавува Anadolu Agency (AA).
Регионалниот истражувачки проект „Предизвиците и можностите за вработување на маргинилизирани групи во социјалните претпријатија" е имплементиран од партнерските организации Реактор, Конект и Паблик од Македонија, Партнерс од Албанија и Центарот за мир и толеранција од Косово, а е поддржан од регионалната програма за поддршка на истражување во Западен Балкан.
Според извршниот директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик", Климентина Илијевска, целта на истражувањето беше да се анализираат предизвиците и можностите за вработување на маргинилизирани групи во социјалните претпријатија, како мапирање и топологизација на постојаните модели на социјалните претпријатија во Македонија, Албанија и косово.
„Мотивацијата за ова истражување произлезе од недоволниот обем на истражувања во оваа област во регионот, споредено со истражувањата во Европа и светот, кои посочуваат дека социјалните претпријатија освен што придонесуваат кон економскиот развој, нудат можност за вработувањеи инклузија на ранливите и маргинализирани групи", изјави Илијевска.
Таа додаде дека резултатите од регионалното истражување ќе бидат основа за подобрување на јавните политики во делот на социјални претпријатија и вклученоста и вработувањето на ранливите и маргинилизирани лица. Дополнително, истражувањето значајно придонесува кон научните истражувања во областа на социјаните претпријатија во регионот и Европа.