Halil Demir
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамки на истрагата во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, откриено е дека пред убиството едно возило со табличка која му припаѓа на Генералниот конзулат, ја посетило Белградската Шума во околината на Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Во тек е сеопфатна истрага за убиството на Кашоги што ја спроведува Републичкото обвинителство на Истанбул.
Со цел обелоденување на случајот, истражната екипа вложува големи напори, при што, покрај околината на Конзулатот, се истражуваат снимките од безбедносните камери кои покриваат голем број точки од градот.
Во тие рамки специјална екипа разгледа 2.000 часа видеоснимки снимени од 137 камери, поставени на 62 точки во Истанбул, почнувајќи од аеродромот „Ататурк“, па сѐ до населбите Левент и Султанахмет.
Врз основа на снимките, забележано е чекор по чекор движењето на 15-члениот саудиски тим и официјалните претставници од Конзулатот за елиминација на Кашоги, пред и по настанот.
На овие видеоснимки, исто така се гледа како вработени лица во Конзулатот, во доцните вечерни часови на 1 октомври, еден ден пред влегувањето на Кашоги, проверуваат дали возило од типот минибус е сразмерно со влезот во конзулатот, односно дали непречено може да влезе и да го напушти дворот на конзулатот.
Од друга страна, на 1 октомври, тројца членови од екипата, со редовна авионска линија пристигнуваат во Истанбул од Саудиска Арабија и по сместувањето во хотелот, влегуваат во Конзулатот.
Откриено е дека една друга екипа од Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, со возило со дипломатски таблички на 1 октомври се упатила во Белградската Шума во Истанбул каде што извршила извидување. Постојат фотографии во врска со влезот на возилото во шумата, како и моменти на пристигнувањето на Кашоги на 1 октомври на аеродромот „Ататурк“.