Ivana Ramadanova
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во рамките на работната посета на Велика Британија, денеска учествува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон, во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), пренесува Anadolu Agency (AA).
Заев ја истакна неопходноста од поголема поврзаност меѓу земјите на Западен Балкан како еден од приоритетите, чии потенцијали лежат во поголемата и поедноставена соработка на царините и на граничните контроли во регионот.
„Олеснувањето на процедурите, подобрата координација, соработка и поврзување имаат за цел не само да ја зајакнат националната и регионалната трговија, туку да создадат работни места и да ја зајакнат економијата. Привлекувањето на странските инвестиции треба да оди паралелно со охрабрувањето за политичките промени како критериуми за европските интеграции, како примарна аспирација на земјите од регионот и на Република Македонија“, нагласи премиерот Заев на панелот на шефовите на влади на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон.
Во делот на предностите што Македонија им ги нуди на странските инвеститори, премиерот Заев истакна дека напорите на Владата на нашата земја се фокусирани да обезбедат и да гарантираат стабилно економско опкружување и да бидат веродостоен партнер во бизнисот, и оти за таа цел се промовирани Планот за економски раст, како и Законот за поддршка на финансиските инвестиции.
„Наша предност се намалувањето на трошоците за инвестиции, но и високообразованите луѓе за одредени економски гранки, како што се ИТ-секторот, земјоделството, туризмот, автомобилската индустрија и други области. За таа цел, детално се подготвени менија од бенефиции, субвенции и критериуми за сите инвеститори, кои се транспарентно објавени и еднакви за сите потенцијални инвеститори“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РМ ги охрабри иницијативите за заеднички регионални инвестиции и ги покани бизнисмените присутни на Инвестицискиот самит за Западен Балкан да бидат дел од новиот позитивен дух на регионот и на македонската економија.
На отворањето на Самитот свои поздравни обраќања имаа претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, кој се обрати во име на земјата претседавач во ЕУ, претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти, како и државниот секретар за дигитализација, култура, медиуми и спорт во Владата на Велика Британија, Мет Хенкок.
Во своето обраќање Борисов ја поздрави оваа трета иницијатива за собир на инвеститори за Западен Балкан на ЕБОР, и истакна дека од суштествено значење за поддршката на исклучително важните инфраструктурни и развојни проекти во регионот е подготвеноста на ЕБОР и на другите финансиски институции и програми на ЕУ да учествуваат во реализацијата на заедничките иницијативи на земјите членки на регионот.
Во својот говор на отворањето претседателот на ЕБОР, Чакрабарти, ја повтори посветеноста на ЕБОР кон регионот и истакна дека таа и понатаму ќе продолжи со уште понагласен интензитет. Чакрабарти нагласи дека Инвестицискиот самит за Западен Балкан во Лондон е уште една можност сите заедно, банката и првите луѓе на владите на земјите на Западен Балкан да ги покажат силните страни на регионот, и да ги поканат инвеститорите од светот да се придружат во исполнувањето на потенцијалите од регионот и на секоја земја одделно.
За време на Самитот, ЕБОР ќе ја претстави „Регионалната инвестициска платформа“ за Западен Балкан, во присуство на околу 200 директори и членови на управни одбори од компании кои се заинтересирани за инвестициски вложувања во регионот.