Almir Terzic
22 Октомври 2017•Ажурирај: 22 Октомври 2017
САРАЕВО (АА) - Денеска во Словенија се одржуваат шестите претседателски избори од прогласувањето на независност во 1991 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Вкупниот број на гласачи со право на глас изнесува 1.716.039, а за претседател на Словенија во првиот круг ќе се натпреваруваат пет кандидатки и четворица кандидати.
Во првиот круг од изборите за претседател на Словенија се натпреваруваат: Људмила Новак (Нова Словенија - христијански демократи), Марјан Шарец (Листа на Марјан Шарец), Маја Маковец - Бренчич (Партија на модерниот центар - SMC), Борут Пахор (Дејан Жидан и група избирачи) Ангела Ликович (Глас за деца и семејство), Борис Поповиќ (Словенија засекогаш), Романа Томц (Словенечка демократска партија - SDS), Сузан Лара Краузе (SLS - Словенечка народна партија) и Андреј Шишко (движење Обединета Словенија).
Покрај актуелниот претседател Борут Пахор, кандидатите кои го привлекоа вниманието на јавноста се Марјан Шарец, градоначалник на Камник, Романа Томц, словенечка претставничка во Европскиот парламент од најголемата опозициска Словенечка демократска партија, Борис Поповиќ, градоначалникот на Копар и Људмила Новак, претседателка на Нова Словенија - христијанска Народна партија со искуство во надворешната политика.
Евентуалниот втор круг од изборите ќе се одржи на 12 ноември 2017 година.
Претседателот на Република Словенија е највисока политичка функција во Словенија, претседателот ја претставува Словенија и командува со нејзините одбранбени сили.
Актелниот претседател на Словенија е Борут Пахор, а досега таа функција ја извршуваа Милан Кучан (два мандата), Јанез Дрновшек и Данило Турк.
Словенија во 2004 година стана полноправна членка на НАТО и ЕУ, на еврозоната, потоа членка е на Шенген зоната, а во 2010 година стана членка и на ОЕЦД (OECD), како и на многу други меѓународни организации.
Инаку, Словенија има 2.064.836 жители. Според податоците на Агенцијата за статистика, Словенија е држава во која бруто платата изнесува 1,613.62, додека нето-платата 1,051.73 евра. Регистрираната стапка на невработеност во Словенија изнесува 6,4 отсто, растот на БДП е 4,4 отсто, а инфлацијата изнесува 1,4 проценти.