Adis Karaca
24 Март 2016•Ажурирај: 25 Март 2016
САРАЕВО (AA) – Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) во првостепена постапка денес го осуди Радован Караџиќ на казна од 40 години затвор за геноцид, злосорства против човечноста и кршење на законите и обичаите на војување, јавува Anadolu Agency (AA).
Караџиќ, кој беше првиот претседател на Република Српска и врховен цивилен командант на Војската на Република Српска во текот на војната во БиХ од 1992-1995 година, прогласен е за виновен за 10, од вкупно 11 точки од обвинението кое против него го покрена Хашкото обвинителство.
Караџиќ со оваа пресуда е осуден за геноцид направен во јули 1995 година во Сребреница, што беше втората точка од обвинението за геноцид.
Прогласен е за виновен за злосторничко здужување во врска со опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година, за која сноси индивидуална кривична одговорност.
Судскиот совет го прогласи Караџиќ за виновен за земање на набљудувачките на Обединетите Нации за заложници во текот на воздушните удари на НАТО на положбите на Војската на Република Српска 1995 година.
Судскиот совет на МКСЈ одлучи дека Радован Караџиќ не е виновен за геноцидот во седум општини во Босна и Херцеговина - Братунац, Фоча, Кључ, Приједор, Сански Мост, Власеница, Зворник, што беше првата од двете обвиненија за геноцид.
Судскиот совет заклучи дека обвинетиот за седум општини сноси индивидуална кривична одговорност за прогон, истребување, убиства, депортација и присилно преместување како злосторства против човечноста и убиства како кршење на законите и обичаите на војување.
„Советот не се увери дека единствениот разумен заклучок е постоењето на намера за уништување на босанските Муслимани и Хрвати и дека нема докази надвор од разумното сомневање да заклучи дека во тие злосторства е извршен геноцид”, соопшти денес во Хаг претседатвачот со Судскиот совет О-Гон Квон читајќи ја пресудата.
Советот констатираше дека припадниците на силите на босанските Срби имаа намера да ги уништат босанските Муслимани од Сребреница како такви. Советот, покрај останатото, заклучи дека Караџиќ беше единствената личност во РС која имаше моќ да интервенира босанските Муслимани мажи да бидат убиени, но не само што не го спречил убиството туку лично наредил мажите од Братунац да бидат префрлени на другите места за да бидат убиени, после што се убиени на подрачјето на Зворник".
Судскиот совет констатираше дека на 14 јули 1995 година Караџиќ прогласил воена состојба на подрачјето на општина Сребреница-Скелани што на Дринскиот корпус на Војската на Република Српска и овозможи користење на сите материјални ресурси и ја олесни акцијата на убивање.
Доказите во предметот покажаа дека, како што заклучи Советот, најмалку пет илади 115 мажи, босански муслимани се убиени во врска со настаните наведени во делот на обвиненето кое се однесува на злосторствата во Сребреница.
Советот заклучи дека Караџиќ делеше проширена заедничка цел муслиманските мажи од Сребреница да се убијат и придонесе во спроведување на овој план.
Кога станува збор за држење на Саеаево под опсада, кампањата на гранатирање и снајперисување на цивили и цивилни цели на Сараево, Судскиот совет заклучи дека сите цивили беа директна мета на Сараевско-романијскиот корпус (СРК) на Војската на Република Српска како што илустрираат снајперските инциденти или беа изложени на неселективен и прекумерен оган како кога СРК фрлаше авиобомби и фрлаше гранати на локации каде што се собираа цивили.
Тричлениот судски совет ги отфрли тврдењата на обвинетиот дека "силите на босанските Муслимани" намерно ги гаѓале своите цивили за да предизвикаат меѓународна интервенција".
"Обвинетиот сноси индивидуална кривична одговорност за убиствата, противправен напад на цивилите и ширење на теророт како кршење на законите или обичаите на војување и за убиство како злосторство против човечноста", пресуди судскиот совет.
Советот во делот на пресудата со која Караџиќ е прогласен за виновен за земање на припадниците на силите на ОН за заложници. Караџиќ го надгледуваше земањето на заложниците, примаше извештаи и поставуваше услови за ослободување. Судскиот совет заклучи дека сноси индивидуална кривична одговорност за земање на припадници на ОН за заложници како кршење на законот и обичаите на војување.
Советот заклучи дека постоеше злосторничко здружување, чии член беше Караџиќ, а со цел земање на набљудувачите за да запрат нападите на НАТО.
Изрекувањето на пресудата на Радован Караџиќ во Хашкиот трибунал го следеа околу 300 лица.
Ова е инаку првата пресуда на МКСЈ на најголемиот политички функционер од просторите на поранешната Југославија со оглед на тоа дека во Хашкиот притвор додека му траеше судењето, 2006 година почина српскиот претседател Слободан Милошевиќ.
Судењето на Караџиќ започна 2009 година и траеше повеќе од пет години, до октомври 2014 година.
Караџиќ под лажното име, Драган Дабиќ, по повеќе од 13 години криење, уапсен е во Белград 2008 година и префрлен е во притворска единица на Хашкиот трибунал.
Во судењето на различни начини учестуваа 586 сведоци на обвинението и одбраната. Во судските акти се внесени над 11.000 доказни предмети.