Mohamad Misto,Selen Temizer
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
ДАМАСК (АА) – Откако го освоија Алепо, режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи ги интензивираа нападите во главниот град на Сирија, Дамаск, каде што долината Барада стана фокус на прекршувањето на прекинот на огнот, јавува Anadolu Agency (AA).
Прекин на огнот меѓу завојуваните страни беше прогласен на 30. декември, а зад него како гаранти стојат Турција и Русија, меѓутоа режимските сили и странските прорежимски терористички групи неколкупати го прекршија прекинот на огнот.
Откако пред две недели го презедоа центарот на Алепо, армијата на Асад и силите на Хезболах своите напади ги интензивираа во околината на долината Барада во Дамаск. Долината е под интензивни напади веќе две недели, а по договорот за прекин на огнот, сѐ почести се нападите со барелни бомби. АА извести дека синоќа во регионот биле изведени 4 воздушни напади, од кои 2 со барелни бомби. Нападите продолжуваат и денес.
- „Во Барада нема терористичка организација“ -
Во договорот за прекин на огнот не се опфатени пределите во кои има припадници како што се Фронтот Нусра и ДЕАШ, кои Советот за безбедност на ОН ги означи како терористички организации.
Одговорниот за односи со јавноста за долината Барада, Ебу Мухамед ел-Барадани, во изјава за АА посочи дека во регионот нема терористичка организација: „Во долината Барада нема ниту една терористичка организација. Во регионот ги нема ниту Нусра ниту ДЕАШ. Овде нема ниту странска опозициска група што се бори. Во регионот се борат локалците, Ахрар ал Шам и Силите на умерената сириска опозиција. Ова го кажувам јасно и прецизно“.
Регионалниот командант на Ахрар ал Шам, Ебу Зејд пак изјави: „И покрај прекинот на огнот, режимот продолжува со воздушни и копнени напади. Поради снајперистите распоредени на ридовите, луѓето не можат да се движат. Веќе 10 дена се лишени од основните потреби“.
- Местоположбата на долината Барада -
Долината Барада се наоѓа на 16 километри од центарот на Дамаск, а од границата со Либан е оддалечена 12 километри. Во оваа долина се наоѓа изворот Ајн ел-Фиџа, еден од главните извори на вода од кој се снабдува Дамаск.
Во станбениот дел на ова подрачје, на површина од 12 квадратни километри, се сместени околу 100.000 Сиријци, бегалци кои тука пребегале од конфликтните делови на државата.
Со цел да ја преземат контролата врз природните ресурси на вода во подрачјето, Хезболах и сириската армија ја држат долината под опсада од крајот на месец јули, при што ги затворија сите влезови и излези. Долината стана цел на напади по евакуацијата на цивилите и опозициските сили од Алепо.
Оваа долина е опколена со високи планини, а селата Сук Вади Барада, Кафр ел-Авамид, Хусејније, Дејр Канун, Кефр ез-Зејт, Ајн ел-Хадра, Бесиме, Дејр Макран, Ајн ел-Фиџа и Афра се под контрола на опозициските сили.