Adham Kako,Muhammed Shekh Yusuf
21 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (AA) - Според првичните информации, во денешните напади на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад врз Источна Гута, животот го изгубија 25 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Според изворите на Цивилната заштита, по извршениот напад со три барелни бомби во областа Батна, 22 цивили ги загубија своите животи, меѓу кои двајца цивили во Сакба и еден цивил во Хамурије.
Нападите продолжуваат непрекинато, и постои загриженост дека бројот на загинати ќе се зголеми.
Тимовите на Цивилната заштита продолжуваат со акциите на пребарување и спасување, а повредените лица се хоспитализирани.
Вкупно 167 цивили загинаа за време на нападите што ги извршија силите на Асад и неговите поддржувачи вчера и претходниот ден во Источна Гута.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, живеат околу 400.000 цивили. Ова подрачје со договорот во Астана беше прогласено за зона без судири. И покрај тоа, припадниците на режимот на Асад, чија земја-гарант е Русија, од април минатата година ја интензивираа опсадата, а во последните неколку месеци и нападите.
Хуманитарната криза во источниот дел на Гута се зголемува од ден на ден, а на илјадници цивили им е потребна евакуација. Повеќето цивили кои имаат потреба од итна евакуација се деца и лица заболени од карцином, чија болест е во понапредна фаза. Покрај тоа, многу деца во Источна Гута починаа од глад и поради неможноста да добијат соодветно лечење.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, вчера истакна дека е длабоко загрижен за 400.000 цивили изложени на воздушните напади во Источна Гута, нагласувајќи дека на 700 лица им е потребна медицинска евакуација.