Bekim Laci
04 Февруари 2016•Ажурирај: 05 Февруари 2016
СКОПЈЕ (AA) - Здружението за борба против ракот "БОРКА- За секој ден" во соработка со Министерството за здравство на Република Македонија во присуство на личности од општествениот живот го одбележаа Светскиот ден за борба против ракот 4 февруари, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што информираше претседателката на здружението "Борка" Биба Додева, одбележувањето на овогодинешниот ден на борба против ракот е под мотото "Ние можеме .Јас можам" , со порака до авторитетите на организацијата на Обединетите Нации, здраствените власти во сите држави во светот да се фокусираат на превенцијата од овој тип заболувања.
Додева истакна дека стапката на смртност од рак во РМ е една од највисоките во Европа и во светот. Во Европа е помеѓу четирите земји со највисока смртност, додека во светот, Македонија е помеѓу шесте земји со највисока стапка на смртност.
Податоците во Македонија велат дека за време на 2015 година се нотирани нови 4200 лица со малигни заболувања. Најзастапени кај мажите се ракот на белите дробови, колатералниот карцином и ракот на простатата. Кај жените, пак, ракот на дојка има највисока инциденца. На второ место е колатералниот карцином, па ракот на белите дробови и ракот на матката и грлото на матката. Во светски рамки 8,2 милиони луѓе умираат од рак секоја година.
"Една од првите активности кои ќе ги преземеме е прогласување на година на ракот во насока на подготовка на национална стратегија за малигни заболувања со мисија за борба против ракот за 2016-2020 година" рече Додева.
Претставничката на Министерството за здравство Јованка Костовска, изјави дека раното откривање на малигните заболувања претставува еден од главните приоритети на Министерството за здравство за што секоја година се имплементираат посебни програми за скрининг на канцерот.
"Информациите велат дека свеста на граѓаните е во континуиран пораст што се однесува до превентивните контроли, особено е зголемен бројот на оние кои имаат направено скрининг на карциномот на матката кој според морталитетот е на алармантно ниво со 280 случаи на годишно ниво", вели Костовска.
На денешната конференција организаторите информираа дека СЗО има искажана генерална прогноза дека речиси 70 проценти од сите нови случаи се очекува да се појават во земјите со низок и среден приход каде што ресурсите за превенција дијагноза и третман се често ограничени или непостоечки.