АНКАРА (АА) - Република Турција гласно укажува на масакрите на коишто се изложени членовите на муслиманското малцинство Рохинџа во мјанмарската држава Аракан и вложува големи напори на меѓународната сцена за запирање на тие злосторства, јавува Anadolu Agency (AA).
Под изговор за борба против милитантни групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена разруши најмалку 60 муслимански села, од кои десетици илјади жители беа принудени да избегаат во соседен Бангладеш.
Според последниот извештај на ОН, во Бангладеш досега влегле 123.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади сѐ уште чекаат да ја преминат границата. Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е со точност да се зборува за билансот на настраданите во нападите врз муслиманските населби. Локалните невладини организации информираат дека станува збор за илјадници убиени лица.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, во изминатиот период одржаа бројни состаноци и телефонски разговори со голем број светски лидери, со цел на меѓународната сцена да ѝ се укаже на угнетувањето што се врши врз муслиманското малцинство во Мјанмар, и тие злосторствада се запрат.
Ердоган утрово имаше телефонски раговор и со шефицата на мјанмарската дипломатија и државен секретар, Аунг Сан Су Чи, и во тој разговор ја изрази својата загриженост поради ситуацијата во Аракан.
Лидерите на Турција и на Мјанмар размениле мислења за актуелната ситуација и за начинот на којшто кризата би можела да биде решена, вклучувајќи ја и можноста за дистрибуција на хуманитарна помош до загрозените во Аракан.
Турскиот претседател Ердоган повтори дека Турција најостро ги осудува сите терористички активности, како и акциите против недолжните цивили, изразувајќи ја својата загриженост дека случувањата во Мјанмар би можеле да прераснат во голема хуманитарна криза од пошироки размери.
Тој порача дека Турција е подготвена да помогне во решавањето на проблемот, истакнувајќи дека мора да се води сметка оти во тој процес се користи недозволена сила и му се нанесува штета на цивилното население.
Турскиот претседател Ердоган во повеќе наврати во изминатите неколку дена ја обвини меѓународната заедница дека е нема и глува на насилството и масакрите на кои се изложени муслиманите во Мјанмар, а најави дека таа тема ќе ја наметне на дневен ред и на седницата на Генералното собрание на ОН, која на 19. септември ќе се одржи во Њујорк.
Во петокот, првиот ден од празникот Курбан-бајрам, претседателот Ердоган укажа на трагедијата и неправдата низ којашто минуваат муслиманите во Мјанмар.
„Сето тоа се случува пред очите на светската јавност, која е глувонема на случувањата. Ние, и како претседавачи со Организацијата на исламската конференција и во лично име разговаравме со многубројни светски претставници, вклучувајќи го и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а и понатаму сме во контакт со него“, рече Ердоган во таа пригода.
Нагласувајќи дека Турција е чувствителна и одговорна кога се во прашање загрозувањето на животите и правата на невините и незаштитени луѓе во светот, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека Турција ќе укажува на тие проблеми и злосторства и ќе се бори против нив, дури и тогаш кога сите останати ќе молчат.
„И нашите хуманитарни организации, турската Црвена полумесечина и АФАД се на теренот и работат на тоа да им помогнат на загрозените. Меѓутоа, често не се постигнуваат вистинските резултати бидејќи на таквите злосторства исламскиот свет не реагира како една целина. Ние и понатаму внимателно ќе ја следиме ситуацијата. На муслиманите во Аракан ќе им го платиме долгот што како човештво го имаме кон нив, а воедно ќе ги покажеме и толеранцијата и вредностите што турскиот народ го красат низ историјата“, порача претседателот Ердоган.
Како и претседателот Ердоган, и шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, во изминатите две недели е многу активен и разговараше со голем број светски претставници за начинот на којшто може да се реши кризата во Аракан.
Чавушоглу за злосторствата над мјанмарското мулиманско малцинство укажа и вчера, на меѓународниот форум во словенечкиот град Блед, а најави дека тоа ќе го направи и на утрешниот собир во казахстанскиот град Астана, каде што ќе продолжи мировниот процес за Сирија.
По состанокот во Астана, Чавушоглу ќе отпатува во градот Кокс Базар во Бангладеш, каде што ќе го посети кампот во кој се сместени араканските муслимани и ќе разговара со официјалните претставници на Бангладеш за ситуацијата во регионот.
Загрозените муслимани од Мјанмар бегаат во Бангладеш, но и во соседен Тајланд. Чавушоглу телефонски разговараше со официјалните претставници на овие две земји и им понуди секаков вид помош за згрижување на пристигнатите бегалци.
Турската Црвена полумесечина за време на бајрамските денови им подели 2.275 курбани на бегалците во Бангладеш, а и понатаму продолжува да им помага на Араканците сместени во камповите во пограничниот појас на Бангладеш. И хуманитарците од АФАД и од ИХХ се на теренот и им помагаат на најзагрозените Рохинџани.
Паралелно со залагањата на турската Влада за запирање на злосторствата над муслиманите во Мјанмар, невладините организации и политички партии организираат протестни собири низ цела Турција, со цел да укажат на проблемот во Мјанмар.
Изминатите денови се одржаа масовни протести во голем број турски градови, како што се Анкара, Истанбул, Сакарја, Конја, Афјонкара Хисар, Аксарај, Измир, Ерзурум, Ван, Мугла, Кајсери, Невшехир, Газиантеп, Малатја, Чорум, Муш, Коџасели, Дијарбакир, Сиирт, Мардин, Мерсин, Ерзинџан, на кои демонстрантите ја повикаа меѓународната заедница да ги запре страдањата на недолжните луѓе во Мјанмар.